Ни доаѓа не баш убава вест од Полска, каде што анти-терористичката полиција го уапси Мамед Халидов. Најголемата легенда на КСВ промоцијата и своевремено еден од најдобрите европски борци се товари за учество во илегален увоз на луксузни автомобили од Чешка.
Полските медиуми објавија дека Халидов бил уапсен во градот Олштин, каде што живее со години. Уапсен е од група на Бирото за антитерористички операции. Наскоро имаше официјално соопштени за случајот кој поприлично ја крена полската ММА сцена на нозе.
„По наредба на обвинителот на регионот Шлезија и канцеларијата за борба против организираниот криминал и корупцијата во Катовице, Мамед Халидов е приведен поради нелегален увоз на луксузни автомобили. Во текот на истрагата Бирото докажа дека автомобилите биле купени и увезени од Чешка. Некои од моделите што се увезени се: порше панамера, рејнџ ровер евок, БМВ M6 и БМВ 7 серија“, се вели во споменатото соопштение.
Инаку, Халидов се пензионира на крајот од минатата година по двата порази од Томаж Наркун. Беше шампион на КСВ во две различни категории, а долго време се сметаше за најдобар борец надвор од американската промоција. УФЦ во неколку наврати го одби, со образложение дека во КСВ има се што му е потребно. Таму пристигна од родната Чеченија, а брзо доби полско државјанство и настапуваше под нивното знаме. Неговата кариера заврши со 34 победи, шест порази и една неодлучена борба.
Повеќе за овој случај треба да се знае во рок од неколку дена, откако Халид ќе излезе пред судијата.