Младата Ангела Мојсовска (-61 кг) е најпријатното изненадување во нашата репрезентација на Европското карате првенство за сениори во Нови Сад, Србија. Таа во својот дебитантски настап на европските сениорски првенства стигна до полуфиналето и се бореше за влез во големото финале, но возбудата и искуството на противничката си го направија своето. Сепак, Ангела во сабота ќе се бори за бронзениот медал, што за каратистката на Макпетрол е голем успех.
Како гледаш на дебитантскиот настап на ЕП?
Прв пат настапувам на европско сениорско првенство. Ова претставува најголемо мое искуство до сега и ми претставува уште поголема мотивација за понатамошни тренинзи.
Ти се верува ли дека ќе се бориш за медал?
Секој натпреварувач влегува во борбата со цел да се прикаже во своето најдобро светло и да победи. Секако, треба и среќата да е на наша страна и да се поклопат коцките како што треба. Денес, дефинитивно, беше мој ден! Со сигурност можам да кажам дека ќе дадам се од себе во борбата за бронзениот медал.
Што се случи во полуфиналето?
Во полуфиналето ме надвладеа еуфоријата и се борев против долгогодишната медалистка од Азербејџан, Ирина Заретска. Секој противник си има свои квалитети и сметам дека никого не треба ниту да се потцени, ниту да се прецени.
Што очекуваш во борбата за бронзениот медал?
Во борбата за третото место ќе го дадам својот максимум и ќе се борам до последна секунда, пред се за себе, како и да ги одбранам боите на Македонија.
Резултати
+68 кг – 37
Ангела Мојсовска – Ема Греч (Малта) 4-2
Ангела Мојсовска – Викторија Исаева (Русија) 0-0
Ангела Мојсовска – Дарија Орзечовска (Полска) 0-0
Ангела Мојсовска – Ирина Заретска (Азербејџан) 0-7
За бронза
Ангела Мојсовска – Ивона Чавар (Босна и Херцеговина)
Ipon.mk/В.Д.