Новогодишно обраќање на претседателот на Националната боксерска федерација Кристијан Андреевски.
„Поминаа точно три месеци откако на 01.10.2024 година официјално ја презедов функцијата претседател на Националната боксерска федерација.
За мене како личност, прво предизвик, а потоа одговорност пред целокупната македонска спортска јавност, тимовите, официјалните лица и натпреварувачите кои ги опфаќа овој спорт.
Квартал за мене и мојот тим, период кој беше динамичен и исполнет со многу активности, средби, настани и пред сè одлични резултати.
Нашата цел беше да продолжиме да работиме во интерес на боксот и сите луѓе кои се инволвирани и се под капата на Националната Боксерска Федерација.
Стартувавме најпрво нашата машка боксерска репрезентација до 23 години настапот на ЕП во Софија, Бугарија.
Комплетно обезбедни услови за настап на нашите репрезентативци кои достојно не претставија на Европскиот шампионат и воедно, како Федерација, за нас оваа беше прво претставување пред пошироката европска и македонска јавност. Нашиот национален тим настапи со шест боксери и двајца тренери на овој турнир.
Во месец октомври боксерската репрезентација на Македонија настапи во Будва, Црна Гора на Светското првенство за млади боксери каде настапивме со девет боксери и тројца тренери. Не го пропуштивме ни овој голем настан за да се продолжи континуитетот на настап на големите натпреварувања за кој беа обезбедени максимални услови за натпреварувачите и луѓето од стручниот штаб од националниот тим.
Одлично искуство на овој шампионат беше за нашите репрезентативци кои иста така имаа можност за спарингување со боксерите кои беа дел од боксерскиот младински Мундијал.
Во Македонија се вративме со активностите во домашниот боксерски шампионат. Прво беше комплетирано 5. коло од Првата и Младинска лига во бокс кое се одржа во Куманово. Екипниот шампионат во двете конкуренции се комплетираше со одржаното 6. коло во Штип кое воедно беше и последно коло каде ги дознавме шампионите во двете конкуренции. Одлично организирани настани заедно со техничките организатори, официјалните лица и сите кои беа дел од двете последни рунди од Националното првенство.
Паралелно во соработка со нашите големи пријатели од Националниот боксерски сојуз на Србија обезбедивме комплетни подготовки на Златибор за нашите репрезентативци кои се подготвуваа и имаа одлични услови за подготовка пред настап на Балканското боксерско првенство во Лозница.
Нашиот национален тим во Лозница го претставија 11 боксери, двајца тренери и еден боксерски судија.
Кулминација на одлично сработените подготовки кулминираше со жетва на медали на нашите репрезентативци на Балканското боксерско првенство. Македонија за прв пат имаше двајца балкански боксерски шампиони во името на Ален и Ружди Рустемовски, сребрен медал освои Адријан Рустемовски, додека бронзеното одличје им припадна на Ебуталип Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески, Енис Алиу и Наум Стојаноски.
За најголемиот успех на македонскиот бокс на Балканското првенство , Управниот одбор на НБФ ги награди боксерите, освојувачите на златен медал добија по 50.000 денари, на сребрен 30.000 денари и на бронзен по 20.000 денари.
Македонија во овој период имаше претставници и на големиот боксерски турнир „Адем Јашари“ во Приштина, каде нашите боксери се претставија во одлично издание.
Серијата на добри резултати не застана тука, туку продолжи на Гранд при турнирот во Загреб, каде убедливо до титулата најдобар боксер на турнирот дојде Ален Рустемовски кој во силната конкуренција покажа дека е исклучително талентиран и подготвен за големи остварувања.
Следна дестинација за нашите најдобри боксери беше силниот меѓународен боксерски турнир со огромна традиција Златна ракавица во Ниш каде заминавме во состав со седум боксери, двајца тренери и двајца судии.
Серијата на добрите резултати, продолжи во Ниш од каде дојдовме со три златни, два сребрени и два бронзени медали.
Златен медал освоија Адријан Рустемовски, Ален Рустемовски и Наум Стојаноски кој беше прогласен и за најдобар техничар на турнирот.
Ебуталип Агушев и Ружди Рустемовски дојдоа до сребрен медал, додека Лука Трифуновиќ и Енис Алиу завршија со бронзено одличје.
За крај на овој прекрасен период од три месеци, кулминација на нашата работа и добри резултати во овој временски интервал додека јас сум претседател беше 30-то поединечното државно првенство во бокс во сите возрасни и тежински категории кое се одржа во Битола и каде настапија боксери од целата држава.
Одлична организација и настан каде ги добивме националните шампиони за 2024 година. Голема благодарност упатувам уште еднаш до првиот човек на оваа општина г. Тони Коњановски, како и техничкиот организатор Пелистерски јунак. Благодарност и до сите официјални лица, тренери и натпреварувачи кои зедоа учество на оваа боксерска манифестација која воедно претставуваше и возобновување на традиционалниот меѓународен боксерски турнир Битолски победник кој се враќа во календарот и програмата за наредната натпреварувачка сезона.
Освен сите натпреварувања кои се под капата на Национална боксерска федерација, како Федерација успеавме да склучиме билатерални соработки со неколку национални федерации. Особено значајни контакти воспоставивме по самитот на претседателите на сите светски федерации во Будва, а потоа во Дубаи во организација на ИБА (Интернационалната боксерска асоцијација).
Исто така во овој период добивме и три национални судии кои успешно го положија тестот и се здобија со звање национален судија во бокс.
Оваа немаше се да се реализира без огромната поддршка и помош од страна на Министерството за Спорт на чело со министерот господин Борко Ристовски кој несебично помага боксот да биде вратен на старите патеки и повторно да биде еден од водечките индивидуални спортови во нашата држава.
Како претседател упатувам јавна благодарност најпрво до Министерството за спорт на чело со министерот Борко Ристовски, до целокупниот мој тим во Националната федерација, Управниот одбор, официјалните лица на Федерацијата, тренерите и натпреварувачите за целокупниот нивен придонес и афирмирање на боксот како спортска дисциплина во периодот во кој сум како претседател на оваа спортска институција.
Оваа е само почеток на тоа што допрва следи од наредната сезона и наредната година каде се надевам дека уште повеќе ќе растеме како Федерација сите заедно и ќе се стремиме кон нови успеси и добри резултати во иднина.
За крај на моето новогодишно обраќање сакам да ви ги честитам претстојните новогодишни и божиќни празници и да Ви посакам многу здравје, среќа и успех во Новата 2025 година. Да сте живи и здрави и нека Ви e среќна Новата 2025 година“, вели претседателот на Национална боксерска федерација Кристијан Андреевски во новогодишното обраќање.