Вчера на Државното првенство на Бугарија во Стара Загора за борачки до 15 години штипјнаката Андреа Нисева (46 кг) која настапува за ДК Асеновград во силна конкуренција, во најбројната и најквалитетна категорија со 15 натпреварувачки, го освои златниот медал откако совлада четири противнички.
Во првата средба Нисева ги одмери силите со Наталија Бојаџиева од В.Трново во која извојува победа со 4-0, втората борба ја имаше против борачката Александра Николова истоа така од В.Трново со резултат 10-0, третата борба ја совлада Олга Попова од Руен со резултат 4-3, инаку, исто така натурализирана, со потекло од Молдавија, исклучително квалитетна борачка која била буквално без пораз до денешната среба. Но, и покрај водството на Молдавката од 3 поена, Андреа смогна сили да освои 4 поени и ја победи. Во финалето против Ивета Иванова од Средец, исто така натурализирана, но со украинско потекло, славеше со 5-2, во средба полна со неисвесности и водството на Ивета во првата рунда со 1-0. Андреа во втората рунда освои 5 поени и успеа да ја заврши борбата со позитивен резултат за неа.
„Севкупно добар впечаток и секако акумулација на искуство кое ќе и биде потребно во наредниот период, бидејки веќе на 26 март не очекува и второто полувреме, односно второто Државно првенство во Бургас. Веќе од понеделник продолжуваме со тренинзи, бидејќи времето е многу кратко, а има и многу да се работи на душекот, за да се отстранат грешките и надополни со нови зафати и ситуации“, вели Марјан Атанасовски од БК Олимпија од Штип,матичниот клуб на Нисева и додава:
„Сакам да испратам и апел до АМС и диекторот Наумче Мојсовски, како и до Федерацијата, да се надминат самите себе и личните мисли и желби да ги стават во втор план.Да седнат и сериозно да размислат како понатаму и да донесат одлука во интерес на спортот и спортистите, како и во интерес на Македонија. Во најбрз можен рок ја стават Олимпија како активен субјект во календарот на натпревари и веќе следниот викенд борачите да бидат на душекот, каде и е местото. Десетина борачи се веќе регистрирани во Бугарија и ќе ги имаат своите пет минути таму“.
Атанасов не го напушта оптимизмот:
„Нашата цел е Европското првенство У-15 кое ќе се одржи од 16 до 19 јули во Загреб, Хрватска, се разбира, доколку биде избрана од страна на селекторот“.