Челните луѓе на Агенцијата за млади и спорт остварија работна средба со претставници од спортските сектори на печатените и електронски медиуми.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски им се заблагодари на присуството на сите спортски работници, нагласувајќи дека е ова само почеток, а има намера да стане традиција во иднина од фактот што прибирање на идеи, приоритети, критики и сугестии од страна на спортските новинари е важно исто како што спортското новинарство е составен дел од спортот.
„Во активностите на Агенцијата за млади и спорт е потребно да бидат вклучени сите субјекти. Размислувањата и активностите на вработените во Агенцијата за млади и спорт ќе бидат надополнета со размислувањата на челниците на националните спортски федерации, и искуствата на спортските новинари и уредници. Во развој на спортот првенствено ќе се стави акцент на развој на спортот и спортските активности кај младата популација, особено кај женската популација“, истакна Каевски.
Во отворената дискусија која следеше се вклучија скоро сите присутни.
„За поздравување е изградбата на спортските објекти, но остануваат проблемите околу нивното стопанисување, закуп на термини, особено кога станува збор за помлади категории“, истакна Игор Трпески од ТВ Сител.
Каевски истакна дека прв чекор ќе биде попишување на спортските објекти и ревизија на договорите за закуп и сопственост, односно владеење со истите, оправданост на избраните локации, како и процентот на искористеност на истите.
Раководителот на секторот спорт при АМС Томислав Андоновски додаде дека објектите во сопственост на државата изработени преку Агенцијата за млади и спорт, но и останатите се посебен проблем наречен „станавме кираџии во сопствените објекти“.
„Додека не се направи анализа врз резултатите од попис на спортски објекти, не може да се направи план за понатамошно функционирање на спортските сали со самоодржување“, истакна Андоновски.
Главниот уредник на спортската редакцина на МРТВ Тони Стојановски предложи да се дискутира околу правните, инфраструктурните проблеми, но и да се обрне внимание на едукација на образовните кадри. Тој побара да се преиспитаат измените и дополнувањата во Законот за спорт, поради малиот број на клубови кои ја искористиле оваа погодност.
Каевски истакна дека се разгледува можноста за измена на истиот преку воведувања на предходно изготвен ваучери со дефинирана сума формирана од претходна анализа околу висината т.е. потребата на одреден спортски клуб или федерација.
Александар Табаковски од спортскиот портал Дерби искажа загриженост околу фактот дека спортските успеси се во пад и дека доаѓа до одлив на млади и талентирани луѓе од Македонија.
Марјан Трајковски од ТВ Телма ја истакна потребата за стручен кадар по физичко воспитување кај децата од 1-во одделение, поради се поголемата детекција на телесни деформитети кај децата од основни училишта.
Заедничкиот заклучок на сите учесници во дискусијата беше позитивен со верување дека истата ќе стане традиција и дека размислувањата на спортските работници се едни од вистинските показатели на состојбите на спортот во државата.