Ален Рустемовски од Пелистер го освои третиот Меѓународен боксерски турнир „Мирослав Петровиќ“ во Куманово што се одржа викендов.
За најдобар кај јуниорите е прогласен Бајрам Мамутовски од Куманово, а за најдобар странски боксер Филип Гида од Србија.
Тренерот на битолчани Јове Петровски-Оцо е прогласен за најдобар тренер на турнирот и за најдобар македонски тренер.
И останатите боксери на Пелистер во добро издание. Адријан Рустемовски славеше убедливо во финалето против боксерот Милош Маринковиќ од Србија. Ружди Рустемовски имаше две борби: полуфинале против боксерот Хали Хајдарај од Косово кого го совлада во 2. рунда со прекин од страна на тренерите. Финале против боксерот Илија Бланков од Германија кого го совлада на поени 4-1.
Ален Рустемовски имаше два добри меча. Во полуфиналето го совлада германскиот репрезентативец Јилмиз Емре Џан, а во финалето го совлада Томислав Џиновиќ, репрезентативец на Црна Гора.
На боксерскиот турнир учествуваа 90 боксери од Словенија, Молдавија, Хрватска, Австрија, Германија, Албанија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина и Косово.
На турнирот присуствува најдобрите боксери од просторите на поранешна Југославија, порашени шампиони и олимпијци: Аце Русевски, Реџеп Реџеповски, Мирко Пузовиќ, Лука Парлов, Драган Вујковиќ и Дејан Завец.
Од друга страна, тренерот БК Баргала го повлече својот боксер Влатко Василевски (71 кг) од турнирот поради непочитување на договореното, односно дека нема да има отстапување во однос на килажата.
„Вечерта имавме заеднички состанок со преставници на боксерските клубови во ресторанот Грација, при што дадов предлог, доколку се усвои, „дали ќе имаме толеранција на килажата и доколку имаме до колку ќе биде таа“. Со сето ова организаторот не се согласи, па затоа и не се прифати мојот предлог. Вториот мој предлог беше сите учесници на турнирот да имаат само едно мерење, да немаат две мерења во полуфиналните и финалните борби, за да не се мачат и измачуваат спортистите а, со тоа и сите ние учесници на истиот турнир, каде и овој предлог беше одбиен од страна на организаторот.
По утринското мерење, како што беше предвидено и во самата програма, БК Баргала со својот преставник Влатко Василевски во термин за мерење од 08 до 10 часот, каде ние се меривме и бевме 70 и 500 грама во категорија до 71 кг, под килажа во која требаше да земе учество нашиот боксер. Тој го мина мерењето. Неговите противници, бидејќи бев присутен до самата вага, беа над килажата или 71 и 400 грама, комисијата заедно со организаторот сакаа да го стават во килажа до 71 кг. Но, не успеаја по мојата реакција. Имаше уште неколку вакви испади над категорија, за кои не останав рамнодушен. По сето тоа организаторот ја заврте вагата на другата страна и реагираше нервозно со зборовите дека тој е организатор и дека не сака кога некој гледа во вагата, и требало ли да се пази. Рече ако сакате земете си ја боксерската книшка и одете си од тука. Ние сме се уплашиле, бидејќи сме имале не знам кој противници и не знам уште што. Си ја земав книшката и заедно со мојот боксер си заминавме, бидејќи ова за килажата е недисциплинирана работа и се знае како треба да биди еден спортист во неговата категорија.
Исто така реагирав и кај дел од судиите каде им реков дека мора едаш за секогаш да се стави крај на ваквите девијантни однесувања и боксот да тргне точно во правецот каде му е и местото“, вели тренерот на Баргала Јонче Манојлов.
Чекаме одговор од организаторот за оваа реакција на Манојлов.