Хрватскиот боксер Ален Бабиќ последната борба ја имаше во април минатата година, кога загуби со прекин во првата рунда од Полјакот Лукаш Розански во меч за шампионскиот појас во бриџер категорија на ВБЦ.
Бабиќ сега потврди дека наскоро ќе се врати во рингот, но не можеше да го открие својот противник.
„Следниот меч го имам во март, но не смеам да го откријам името на противникот. Борбата ќе се одржи во тешка категорија, а противникот тежи 130 килограми“, изјави Ален Бабиќ и додаде:
„Веста е дека ќе боксирам за Френк Ворен, а можеби и ќе се префрлам на Скај спортс“.
Тој исто така најави дека почнува да работи со Пашал Колинс, главниот тренер на Боксерскиот клуб Селтик вориор.
„Наскоро патувам за Ирска, каде ќе направам камп. Најдов нов тренер кој работи со Дилиен Вајт, не сакам да тренирам на друго место. Прифатив тежок натпревар и целиот втор месец ќе бидам во Даблин“, откри Ален Бабиќ и продолжи:
„Мојот нов тренер е Пашал Колинс. Тој е брат на Стив Колинс, легендарниот ирски боксер кој беше светски шампион. Се надевам дека ќе го донесам светскиот шампионски појас во салата на Селтик вориор“.
Тој најави дека за време на кампот максимално ќе се посвети на подготовките, а ќе се држи настрана од медиумите и социјалните мрежи.
„За време на кампот не сакам да ги имам медиумите во близина, но ниту да имам мобилен телефон, сакам апсолутно да се фокусирам на следниот предизвик, бидејќи ме чека тежок меч. Се зборуваше дека ќе имам лесен противник, но сите знаете дека тоа не е мој начин. Четврти сум во бриџер, а ми е отворен патот во крузер и во тешка категорија“, потенцира Ален Бабиќ.
Се осврна и на Леонард Пијетрај, тренерот кој ја одбележа кариерата на Бабиќ.
„Во животот неколку пати се откажував, а последен пат беше со Лео, кога сакав да се вратам во теретана. Многу сакав повторно да соработувам, но не успеав“, изјави Ален Бабиќ и подвлече:
„Заклучив дека тука е крајот на приказната. Тешко ми е, бидејќи таа сала одамна е мојот дом. Слушам од тимот и знам дека многу гадости излегува од таа сала. Дефинитивно сум сигурен дека нема да има враќање назад“.