Александар Волкановски: Годината ќе ја започнам со победа над Махачев

Австралискиот борец со макеоднско потекло Александар Волкановски е уверен дека ќе може да се справи со Ислам Махачев.

Борбата меѓу Волкановски и Махачев ќе биде насловна на борбената карта на УФЦ 284, што ќе се одржи на 12 февруари во Перт, Австралија. Махачев ќе ја брани титулата во лесна категорија. Волкановски е аутсајдер, но верува дека ќе успее да стане двоен шампион.

Александар е најдобриот борец во УФЦ, без разлика на тежината. „Големиот“ нема пораз од 2013 година. Тој е во серија од 22 победи и веќе е виден меѓу великаните во мешаните боречки вештини.

„2022 беше прекрасна година. Можам да се гордеам со многу работи. 2023 година ќе започне со голема победа над Ислам Махачев. Ќе тренирам, ќе го правам она потешкото, да се задржи смиреноста за време на борбата..

Махачев ќе биде подготвен за борба, но можам да ветам дека ќе бидам уште поподготвен. Ќе бидам посилен од кога било. Сега имам повеќе мускули отколку во последните 5 борби. Станав многу посилен.

Ова е сериозен предизвик и одлична можност. 2023 година ќе биде најважната година во мојата кариера. Ќе имам шанса да бидам еден од најголемите“, изјави Волкановски на Јутјуб.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО