Непоразениот Украинец со голема мотивација влегува во мечот за обединување на светските титули во тешка категорија.
Александар Усик зад себе има многу големи мечеви, но и големи успеси во спортската кариера. Украинецот стана олимписки шампион во 2012 година, светски аматерски шампион во 2011 година и европско злато во 2008 година.
Ова се неговите најголеми аматерски достигнувања, а како професионалец може да се пофали со обединување на светските титули во полутешка категорија, но и светските титули кои ги поседува во тешка категорија. Нему му недостига еден појас за да стане апсолутен светски шампион во тешка категорија, а воедно би станал и првиот тешкаш што ги обединил титулите во ерата на четири појаси (ВБЦ, ИБФ, ВБО, ВБА).
На 17 февруари Усик ќе боксираа против Тајсон Фјури, шампионот на ВБЦ во тешка категорија. Ако го победи Фјури, Усик ќе ги обедини сите четири големи светски титули, но нема да му биде лесно. Тајсон Фјури има огромна предност во физичката големина, непоразен е и е светски шампион со причина.
Освен по вештината, Тајсон Фјури е познат и по менталните игри. „Џипси Кинг“ им „влегува во главите“ на бројните противници и во рингот влегува со одредена психолошка предност. Усик тврди дека Фјури овојпат нема да може да игра такви игри.
„Воопшто не размислувам за Тајсон Фјури. Не следам како се однесува и што прави. Повеќето од неговите противници попуштаат пред тоа. Се фокусирам на себе и на мојата подготовка за мечот. Јас и моите тренери ги гледавме неговите борби, се подготвуваме за сите можни сценарија. Мораме да внимаваме што прави во рингот и не ми е грижа што мисли Фјури за мене. Може да ме потцени и да ме прецени. Не ми е грижа, имам свои планови и предности за кои тој не знае ништо“, изјави Усик.
Последните неколку натпревари Украинецот ги одигра со дополнителна мотивација. Неговата Украина моментално е во војна со Русија која ги напаѓа, а Усик смета дека неговите натпревари испраќаат порака до народот.
„Секое утро станувам во пет часот наутро и одам да трчам. Првата работа за која размислувам е мојата земја и мојот народ. Мислам на луѓето кои се на првата линија на одбраната и на жртвата што ја прават за мене и моето семејство. Се враќам во Украина веднаш по овој натпревар. Го сакам својот народ и сакам да му дадам задоволство од победата. Јас се борам за целата нација, додека Тајсон Фјури се бори само за себе“, изјави Усик во интервју за ТВ Ринг.
Секогаш мирниот и психички неверојатно силен Усик сигурно нема да дозволи Фјури психички да го скрши пред самата броба. Фјури овој пат не може да смета на тој адут во ракавот, но и двајцата имаат многу адути и ни претстои фантастичен меч.