Александар Ракиќ во очи на мечот против Јан: Ќе биде мотивиран, но има проблем – се бори против мене

Александар Ракиќ (14-2) викендов ја има осмата борба во најголемата светска ММА организација и тоа ќе биде најтешкиот испит во неговата кариера.

Српскиот борец со австриски пасош ќе настапи на настанот УФЦ на ЕСПН 36 во Лас Вегас, а противник му е поранешниот шампион во полутешка категорија, Полјакот Јан Блахович.

Последната борба Ракиќ ја имаше на 6 март минатата година, кога со едногласна одлука на судиите го совлада Тијаго Сантос, тоа беше негова шеста победа во УФЦ и втора во низа. Со победа против Јан, Александар веројатно би можел да ја добие борбата за титулата.

„Во последните 14 месеци напорно тренирам, ги усовршувам моите вештини. Јас сум една година постар и попаметен. Многу сум возбуден поради борбата, па дури и уживам во слабеењето“, изјави Александар Ракиќ, а за противникот искоментира:

„Јан го загуби појасот и доаѓа многу мотивиран бидејќи сака да ја врати титулата. Но, има еден проблем, ќе се бори со мене“.

Блахович лани во октомври загуби од Гловер Тешеира и остана без титулата. Полјакот сака да го врати појасот во негова сопственост. Ракиќ е свесен за важноста на тој меч.

„Тоа е најголемата борба во мојот живот. Ако го победам, ќе се борам за појасот. Тој дуел е елиминација. Откако ќе го поминам Јан ќе се борам за титулата. А кога ќе стигнам на врвот, таму ќе останам уште малку“, подвлече Александар Ракиќ.

Рокет некои го сметаат за здодевен борец, но ваквите коментари воопшто не му пречат.

„Луѓето можат да кажат што сакаат, нека дојдат во октагонот и нека докажат дека можат да се борат подобро од мене. Натпреварите понекогаш се такви кога не можеш да брзаш и да бараш нокаут, бидејќи можеш многу лесно да загубиш. Не ми е гајле што велат луѓето. Знам дека наскоро ќе бидам светски шампион“, изјави Александар Ракиќ.

Бразилецот Гловер Тешеира првпат ќе го брани шампионскиот појас против Чехот Јиржи Прохаска на настанот УФЦ 275 на 11 јуни. Александар им дава еднакви шанси за победа на двајцата.

„Таа борба е 50-50. Ако Гловер го издржи раниот притисок на Јиржи, мислам дека ќе го развлече мечот и веројатно ќе победи. Повеќе би сакал да се борам против Гловер, бидејќи тој е попознат борец и шампион“, рече Александар Ракиќ и заклучи:

„Долго време во овој спорт и мислам дека нема многу време. Јиржи е млад, мислам дека сме на иста возраст и уште долго ќе бидеме на врвот. Порано или подоцна ќе се бориме“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО