Пред неколку дена УФЦ официјално ја објави борбата меѓу Макс Холовеј и Александар Волкановски, која ќе биде за титулата во перо категорија во декември во Вегас на УФЦ 245. Во моментов, двајцата се најдобри во категоријата и доаѓаат по големи победи, што е предуслов за здрава и интересна битка.
Волкановски е во серија од 17 последователни победи и неговата ММА статистика е 20 победи и само 1 пораз. Тој не загубил во последните 6 години и во последната борба во мај успеа да го победи со одлука на судиите Жозе Алдо во Бразил. Александар е уверен дека ќе може да го симне од тронот Макс Холовеј и дека ќе му даде задолжителен реванш.
„Ќе му покажам на светот дека сум најдобар во перо категорија. Јас сум најдобриот борец во оваа категорија и во декември ќе го покажам тоа. Луѓето можат да зборуваат што сакаат. Холовеј беше добар шампион. Знам дека ќе го победам и потоа ќе му дадам реванш.
Ќе ја земам неговата титула и ќе имам втора борба. Во втората битка, повторно ќе го победам и ќе се етаблирам како најдобар во светот. По овие победи, ќе бидам подготвен за каков било предизвик“, истакна Македонецот кој живее во Австралија.