„Секогаш во нивно друштво слушав приказни за овие работи: уште две борби и 30-0“.
Потенцијалниот меч меѓу Хабиб Нурмагомедов и Жорж Стен Пјер е една од главните теми во боречките вештини скоро секој ден, а исто така тоа го допре деновиве тренерот на непоразениот Дагестанец Хавиер Мендез.
Главниот тренер во познатата АКА е убеден дека споменатиот судир ќе ги прекине сите дискусии и конечно ќе го одреди најголемиот борец во историјата на ММА, а се чини, барем според неговите изјави, дека овој меч сè уште не можеме да го отпишеме.
„И Хабиб и јас го делиме тоа мислење“, рече Мендез како гостин на „Хаблемос ММА“ и веднаш потоа додаде:
„Мислам дека оној што ќе го победи ЖСП, ќе стане најдобриот на сите времиња“.
Многу пати се пишуваше за желбата на Хабиб да се пензионира со сооднос 30-0, а познато е дека тој и неговиот покоен татко Абдулманап отсекогаш како меч од соништата го замислувале оној со легендарниот Канаѓанец.
Но, поранешниот шампион во УФЦ во велтера и средна категорија денес ужива во заслуженото пензионирање, а својот последен меч го имаше во ноември 2017 година, кога го победи Мајкл Биспинг по четиригодишно пауза. Од друга страна, Нурмагомедов веќе го договори следниот меч и ќе ја брка 29-тата победа во кариерата на 24 октомври во судир со опасниот Џастин Гејџи.
Ако го победи Гејџи, Хабиб би можел уште еднаш да побара меч со ЖСП и, ако му се исполни желбата, тогаш ќе објави крај на кариерата.
„Да, тоа е многу веројатно. Тоа би можел да го направи, затоа што знам дека секој пат кога бев во друштво со него и татко му ја слушав приказната за овие работи: уште две борби и 30-0. Тие сакаа борба за историјата, по која би се посветиле да им помагаат на другите борци кои ја почнуваат кариерата. Има неколку одлични борци, неговите братучеди, кои се одлични борци, како Умар и Усман Нурмагомедов, а тука е и Ислам Махачев. Знам дека сака да им помогне да ја дојдат до титулата. Не знам дали потоа ќе се бори подалеку од тоа, но се е можно. Јас бев и борец и знам дека пред крајот на кариерата го чувствувате тоа во своето срце, дека сакаш да продолжиш сое борбите и дека е тешко да се одолее. Но, мислам дека тој нема да продолжи после тоа, но, пак, никогаш не се знае и се е можно“, заклучи Мендез.