Главниот тренер на Израел Адесања, Јуџин Берман е категоричен дека шампионот во средна категорија нема да добие тежина пред борбата со Јан Блахович за титулата во повисоката категорирја до 93 килограми.
Адесања и Блахович треба да се борат на УФЦ 259. Ова ќе биде деби за Новозеланѓанецот со нигериски корени во полутешка категорија.
„Нема да добие тежина за оваа битка. Сметаме дека е подобро ако Адесања излезе со својата нормална тежина за овој натпревар“, изјави тренерот на „Сити кикбокс“ за „1 Њуз“.
Берман додаде дека се надева оти оваа одлука ќе му донесе предност на Адесања во борбата.
„Не мислам дека Адесања може некогаш да стане посилен физички од Јан. Подобро да го инвестираме времето во различни тренинзи“.
Адесања, кој се натпреваруваше во различни категории во кариерата во кик-боксот, е категоричен дека би влегол дури и во тешка категорија доколку Џонс ја освои титулата.
„Ако Џонс ја освои титулата, ќе влезам во тешка категорија и ќе му ја одземам. Ќе биде кул. Ако реши да се врати во полутешка категорија, и таму ќе го победам “, рече непоразениот ММА борец.
Блахович и Адесања ќе ги вкрстат ракавици во кафезот на 6 март. Битката ќе се одржи во Лас Вегас.