Тајсон Фјури: Тој ќе го скрши Александар Усик! И Џошуа, Жанг и Милер, ќе ги скрши сите!
Во неодамнешна објава на социјалните мрежи, Фјури објасни зошто верува дека младиот Британец е предодреден за врвот

Тајсон Фјури отсекогаш верувал дека може да победи секого – вклучувајќи го и Александар Усик.
А со текот на годините, неговите предвидувања се покажаа точни. „Ромскиот крал“ стана светски шампион во 2015 година кога го победи Владимир Кличко, а потоа го шокираше светот со нокаутирање на Дионтеј Вајлдер двапати откако нивната прва борба заврши нерешено.
Но, сè се промени кога се соочи со Усик, губејќи ги дватапати на поени од човекот кој подоцна ќе стане двократен шампион во тешка категорија.
Во текот на својата кариера Фјури често го фалеше младиот Мозес Итаума, со кого спарингуваше во сала и го гледаше како ги добива првите 13 борби – 11 со нокаут, девет од нив во првите две рунди.
Во неодамнешна објава на социјалните мрежи, Фјури уште еднаш објасни зошто верува дека Итаума е предодреден за врвот и зошто мисли дека ќе го „скрши“ Усик:
„Постојано ме прашуваат за младиот Мозес Итаума, за борбата со Александар Усик и другите големи имиња. Моето мислење не е мислење на некој што не знае бокс. Моето мислење е мислење на човек кој бил таму и освоил секој појас. Сè што може да се освои во боксот, јас сум победил. Боксот е игра за млади мажи, како што му кажав на Владимир Кличко кога имаше 37 години, боксот не чека никого.
„Значи, еве го моето мислење, го слушате за прв пат овде: Мозес Итаума ќе ги скрши сите тие стари момци во дивизијата. Усик, „Еј-Џеј“, Милер, Жанг, Ортиз, сите. Дури и човекот што ги зеде моите појаси, Усик. Мозес ќе го скрши затоа што тоа е борба меѓу млади и стари, а старец не може да се бори со млад човек“.
Усик се ближи кон 40 години, додека Итаума штотуку наполни 20 години, што може да биде клучно ако двајцата некогаш се сретнат во рингот. Сепак, тоа не е неговиот следен предизвик, а Мајкл Хантер и Дејвид Аделеј моментално се главни претенденти за следниот противник на Итаума.



