АктуелноДомашна сценаКик бокс

Кикбоксерите со сопствени средства на Европското јуниорско првенство Италија 2025

Македонската кикбокс јуниорска репрезентација предводена од претседателот Дејан Митровски – Урко денес замина во Лидо Ди Јесоло, Италија, да учествува на ВАКО Европското јуниорско кикбокс првенство 2025.

Како и секогаш, јуниорската репрезентација е составена од кикбоксери со најголем потенцијал, кои според процената на селекторот се можни освојувачи на медал. По извршената селекција, на првенството ќе учествуваат натпреварувачите: Марија Димовска, Лука Змејкоски, Андријано Димишковски и Калин Бабовски.

Во состав на делегацијата се и тренерот на репрезентацијата Драган Атанасовски и помошникот тренер Александар Димовски, додека најдобрата македонската кикбокс судијка Елена Неделковска која требаше да ја дели судиската правда како претставник од нашата земја, за жал поради здравствени причини е спречена да биде дел од делегацијата.

На јуниорско првенство од 12 до 21 септември во Италија ќе учествуваат 2626 натпреварувачи од 45 држави од Европа.

Во рамките на првенството ќе се одржи и Генералното собрание 2025 на ВАКО Европската кикбокс федерација на кое ќе присуствува претседателот Митровски. Оваа година е изборна година за ВАКО Европската федерација и на собранието ќе се избира нов претседател и Одбор на директори на федерацијата. Како единствен кандидат за позицијата претседател на ВАКО Европа е кандидиран господинот Еспен Лунд од Норвешка, а во трката за член на Одбор на директори влегува и нашиот претседател м-р Дејан Митровски-Урко. Резултатите од гласањето за составот на новиот управувачки одбор на европската кикбокс фела ќе се соопштат во рамките на првенството.

„Нашата репрезентацијата, иако без поддршка од тој што треба најмногу да ја има, е подготвена во целост и ова е 9-ти кикбокс натпревар оваа година на кој нашите натпреварувачи и репрезентативци настапуваат и носат медали за нашата земја. Но, за жал, без никаква финансиска помош од новото Министерство за спорт кое има улога да им помага на федерациите и спортистите за да го развиваат спортот меѓу младите и да остваруваат меѓународни резултати кои ќе придонесат за промоција на македонскиот спорт и на нашата држава во светот“, вели претседателот на Кик бокс маитаи федерацијата на Македонија Дејан Митровски и додава.

„Кик бокс репрезентацијата веќе цела година, откако имаме Министерство за спорт, е соочена со предизвик самостојно да се организира и да ја претставува Македонија, но на сопствен трошок и со сопствени средства, без помош од државата“.

„И на ова првенство, за да земеме учество, како претседател на КМФМ, воедно и потпретседател на Македонскиот Олимписки Комитет, побарав помош од претседателот Даниел Димовски кај кој наидовме на разбирање за нашата ситуација. Тој ни излезе во пресрет и ни обезбеди средства за покривање на трошоците за сместување на целата репрезентација, што ни е како најголем трошок. Исто така обезбедено ни е и возило за превоз на репрезентацијата, додека останатите трошоци ќе ги намириме од лични средства“, вели Митровски.

Претседателот на КМФМ дека ова е единствениот начин да учествуваат на Европското превенство кое е важно за нашата земја.

„Покрај тоа што во годишната програма на КМФМ за 2025, која навремено е поднесена до Министерството за спорт, и во која се наведени сите неопходно потребни средства за функционирање на федерацијата, немаме добиени ниту минимални средства за учествување, што 30 години наназад тоа не се случило од кој и да го водел спортот, односно назначен од која било влада досега. Секогаш секоја добиена поддршка била оправдана со носење на медали и секогаш сме биле на врвот на најуспешни федерации со години наназад. Иако непосредно пред секое првенство постојано се обраќаме до Министерството за спорт во обид истите да ги добиеме, нема никаков одговор и слух за тоа

Со промената од Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт кикбоксот, иако како еден од најуспешните, а со сигурност тврдам и дека сме најуспешен спорт со резултати во нашата земја, воопшто не ни се доделени никакви средства за учество на какво било првенство, меѓународно или национално. Ниту имаме добиено за намирување на годишните членарини до меѓународните федерации, а без членарини не ни е дозволено учество на истите.

Сето ова е крајно демотивирачки за секој кој вложува љубов и челична волја во спортот.

Но, и покрај демотивирачките факти интриги, обиди за растурање на кикбокс федерацијата и суровата реалност во поглед на финансиските тешкотии, очекувам успешни и добри мечеви од сите наши натпреварувачи и секако се надевам дека ќе се вратиме со медали. Ќе го чекаме официјалниот жреб за да ги дознаеме противниците. Ние сме борци и во спортот и во приватниот живот и на опструкциите од страна на Министерството за спорт ќе се спротивставиме онаму каде што ни е местото, во борилиштата на нашите натпревари и тоа со жестока борба. Победата врз неправдата ја носиме со досега освоените медали на кои сме особено горди, и ние и целата спортска јавност и нашите поддржувачи. Ќе продолжиме со победи во иднина со новоосвоените резултати“ – изјави претседателот Митровски.

 

Show More

Related Articles

Back to top button
IPON