Мани Пакијао се врати во рингот, мечот против ВБЦ шампионот Марио Бариос заврши нерешено

Филипинската боксерска легенда, 46-годишниот Мани Пакијао се врати на рингот, и на местото каде што ги водел повеќето од своите важни борби.
Пакмен боксуваше против шампионот на ВБЦ во полусредна категорија, Марио Бариос, во МГМ Гранд гарден арената во Лас Вегас, а мечот заврши нерешено.
Судијата Макс де Лука ја оцени борбата со 115-113 во корист на Бариос, додека другите двајца Тим Читам и Стив Вајселд ја оценија борбата како нерешена, со резултат од 114-114.
.@mannypacquiao vs @boxer_barrios ENDS IN A DRAW‼️. WHAT. A. FIGHT. 🔥 #PacquiaoBarrios pic.twitter.com/rMV5Hromc4
— Premier Boxing Champions (@premierboxing) July 20, 2025
„Мислев дека победив“, рече Мани Пакијао по борбата, додавајќи:
„Беше тесна борба. Противникот беше тежок. Одлична борба“.
Поранешниот светски шампион вети дека ќе ја продолжи кариерата и ќе сака реванш, што Бариос го прифати. Пакијао се врати на рингот по пауза од речиси четири години.
„Се извлеков, но му симнувам капа на Мани. Беше апсолутна чест да го делам рингот со него“, рече Марио Бариос.
Manny Pacquiao doing this at 46 years old is insane. #PacquiaoBarrios
— Zach “🅂🄲🄷🅄🅉” Schumaker (@_SchuZ_) July 20, 2025
Пакијао (62-8-3, 39 КО) ги замолчи критичарите кои се сомневаа во неговото враќање на професионалниот ринг со оглед на годините, но во овој меч покажа дека може да се натпреварува со помлади борци на рамноправна основа.
Бариос (29-2-2, 18 КО) е 12 години помлад и шест инчи повисок од Пакијао, а кога ќе се земе предвид четиригодишната неактивност на Пакијао, не е ни чудо што Марио беше фаворит во повеќето спортски обложувалници.
Големиот Пакијао досега ја пропушти шансата да им се придружи на легендите Бернард Хопкинс и покојниот Џорџ Форман, и да стане светски шампион во своите четириесетти години. Но, се чини дека ова не му беше последна шанса.



