Прво го нокаутира Ентони Џошуа, а сега го повикува Британецот на реванш: Чекам понуда

Романскиот борец Михаи Нистор, кој прв го нокаутира Ентони Џошуа, го предизвика поранешниот двократен светски шампион на реванш.
34-годишниот Романец има 64 големи аматерски борби, а во 2011 година го победи Еј-Џеј во четвртфиналето на Европското првенство. Нистор подоцна во полуфиналето загуби од Роберто Камарел.
Откако постигна импресивен аматерски скор, стана професионалец, добивајќи ги сите осум борби со нокаут.
Помина повеќе од една година откако последен пат беше виден во рингот, и покрај неговата неактивност, Михаи верува дека не е далеку од врвот на светот.
Во неодамнешно интервју нагласи дека би бил подготвен веднаш да потпише договор за борба со Џошуа доколку му испрати понуда промоторот Еди Херн.
„Би сакал повторно да боксирам со моите поранешни ривали. Мојата цел е да се борам со Џошуа и Усик, но не само со нив. Сè уште победувам, но малку сум разочаран од мојата кариера“, рече Михаи Нистор и продолжи:
„Пандемијата ме лиши од најмалку две години од мојата кариера. Полн сум со самодоверба и верувам дека можам да го достигнам нивото на Џошуа и Усик“.
Ентони Џошуа не се борел откако доживеа брутален пораз со нокаут од Даниел Дубоа во септември минатата година во борба за титулата во тешка категорија на ИБФ, а тој пораз дојде по четири победи по ред.
Поранешниот шампион претрпе два пораза против Александар Усик, а потоа ги победи Џермејн Френклин, Роберт Хелениус, Ото Валин и Френсис Нгану, по што следеше пораз од Дубоа.
„Верувам дека Усик го победи Џошуа со супериорна техника и тактика. Повеќе ги сакаше тие победи. Мислам дека вториот пораз беше многу поболен, судејќи според однесувањето на Џошуа. После тоа, Џошуа не се опорави доволно ментално и затоа загуби од Дубоа. Не беше фокусиран“, подвлече Михаи Нистор.



