Светскиот шампион во тешка категорија Александар Усик ја кажа својата прогноза за можна пресметка меѓу поранешните шампиони во тешка категорија, Ентони Џошуа и Дионтеј Вајлдер.
Двајцата поранешни светски шампиони владееја со тешката категорија неколку години истовремено, но никогаш не успеаја да договорат борба меѓу нив.
Вајлдер беше симнат од тронот во 2020 година од Тајсон Фјури, кој го победи двапати во три натпревари, а нивната прва борба заврши нерешено.
Бронзениот бомбардер ја продолжи лошата форма, победувајќи само еднаш во следните три меча против Роберт Хелениус, и губејќи од Џозеф Паркер и Жилеј Жанг.
Поранешниот шампион на ВБЦ се враќа во рингот на 27 јуни во Вичита против Тајрел Херндон.
Џошуа ги загуби појасите во 2021 година со пораз од Александар Усик, а потоа загуби и во реваншот.
Беше на добар пат да се врати на врвот во категоријата, но по победите против Ото Валин, Роберт Хелениус и Франсис Нгану, следеше тежок пораз од Даниел Дубоа.
Во септември минатата година Џошуа загуби со нокаут во петтата рунда на преполниот Вембли.
Вајлдер неодамна изјави дека сака да боксира против Џошуа и дека може да се договори голема борба следната година.
„Можеме да договориме меч во блиска иднина. Можеби некаде следната година или годината потоа, сè е блиску. Но пред тоа, секој мора да го направи својот дел“, рече Дионтеј Вајлдер.
А непоразениот Украинец во неодамнешно интервју за Дејли Меил спорт откри кому му дава предност во потенцијална борба меѓу Џошуа и Вајлдер.
„Ентони Џошуа“, рече Александар Усик, додавајќи патем дека тоа ќе биде тесна борба.
Боксерскиот промотор Еди Херн вели дека Еј Џеј наскоро треба да се врати на тренинзите по повредата и го најави својот следен настап некаде налето.