Марко Трајановски, европски првак во ММА, имаше прием кај градоначалникот Орце Ѓоргиевски

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски, денеска оствари средба со Марко Трајановски, младиот македонски борец кој испиша историја како прв Македонец со освоено злато на Европско првенство во ММА.

Шеснаесетгодишниот талент од Драчево, на ЕП во Белград, се натпреваруваше во категоријата до 83,9 килограми, каде што редеше победи против ривали од Бугарија, Романија, Украина, а во финалето извојува триумф против претставникот на Италија.

Градоначалникот Ѓоргиевски изрази огромна гордост за овој успех, истакнувајќи дека ваквите резултати се инспирација за сите млади спортисти и потврда дека со посветеност и труд може да се достигнат врвни резултати. Му честиташе на младиот шампион, посакувајќи му уште многу успеси во иднина и го информираше дека ќе му биде доделена финансиска поддршка од Општина Кисела Вода.

„Овој успех на Марко е не само личен триумф, туку и гордост за Кисела Вода и за цела Македонија. Да имаме европски шампион од нашата општина е доказ дека овде растат и се развиваат вистински спортски таленти. Како градоначалник, секогаш ќе поддржувам вакви млади и успешни поединци, бидејќи тие се најдобриот пример за следните генерации. Затоа, со големо задоволство најавувам дека Општина Кисела Вода ќе му обезбеди финансиска поддршка на Марко за неговите идни натпреварувања и се надевам дека и понатаму ќе ја претставува нашата држава на највисоко ниво“, изјави градоначалникот Орце Ѓоргиевски, додавајќи дека Општина Кисела Вода ќе продолжи со активна поддршка за развојот на спортот и младите таленти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО