Конечно: Ќе легнат парите од Ваучерот, објави Службен весник

Спортските клубови и федерации конечно ќе ги добијат финансиските инјекции што ги чекаа уште од почетокот на оваа календарска година, откако Министерството за спорт успешно го мина и последниот филтер пред исплатата на средствата.

Имено, денеска во Службен весник беше објавен „Правилникот за поблиските намени за користење на средствата од годишните програми за остварување на јавниот интерес во дејноста спорт“. Ова беше последната работа што се чекаше за финализирање на новиот процес на финансирање на спортските субјекти, што ќе ги замени досегашните ваучери.

За потсетување, до долго чекање дојде поради неспособноста на старото раковоство на Агенцијата за млади и спорт, кое неколку пати се пофали дека се изборило за парите да бидат директно исплаќани од државната каса, но не успеа да се избори сумата од околу 550 милиони денари (околу девет милиони евра) да биде вклучена во предвидениот Буџет на државата.

Токму поради ова дојде до ново големо одложување, со формирањето на новото Министерство за сапорт предводено од Борко Ристовски беше покрената и нова законска процедура за финансирање во спортот, која конечно ги мина сите државни филтри, за парите да можат да стигнат онаму каде што дефинитивно се најпотребни – во федерациите, клубовите и кај самите спортисти.

Согласно предвидениот правилник, веќе се испратени формулари до федерациите што ќе треба да бидат проследени до клубовите (кај колективните спортови) и спортистите (во индивидуалните спортови). Станува збор за нешто што ќе биде вообичаена пракса во иднина почнувајќи од оваа година, пополнувањето на овие формулари ќе биде крајно едноставно, со генералии за клубовите, по што веднаш ќе следи и исплатата на парите на сметките….

Како што дознаваме, се прават напори целиот процес да биде завршен експресно за средствата да се исплатат во најкус рок, до крајот на оваа седмица, или најдоцна во првите два-три дена од следната седмица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО