Викендов се одржува вториот Европски јуниорски џудо куп – Скопје 2024

Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ) викендов ќе биде домаќин на вториот по ред Европски јуниорски џудо куп – Скопје 2024, кој што ќе се одржува во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје од 09 до 11.08.2024 година.

На 2-от по ред Европскиот јуниорски џудо куп – Скопје 2024, пријавени се натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција или вкупно 269 натпреварувачи и натпреварувачки.

Најбројна е селекцијата на Грција со 27 натпреварувачи и натпреварувачки.

Репрезентацијата на Македонија, ќе биде застапена со 19 џудисти (10 во машка и 9 во женска конкуренција), предводени од селекторот Александар Фузевски.

Европскиот јуниорски џудо куп – Скопје 2024 ќе биде надополнет и со тридневниот џудо-камп.

Високото ниво на овој спортскиот настан, го потврдува присуството на високи функционери на Европската џудо унија (ЕЏУ), како и на Светската џудо-федерација(ИЏФ), меѓу кои и потпретседателот на ЕЏУ, г-ѓа Катерина Родригез.

Минатата година, ЏФМ беше домаќин на првиот Европскиот јуниорски џудо куп – Скопје 2023 година, на кој учествуваа 223 џудисти од 29 земји од цела Европа, Америка, Канада и Саудиска Арабија.

Заради одличната организација и високите оценки кој ги доби националната џудо федерација, од страна на Европската џудо-унија (ЕЏУ) и Светската џудо-федерација (ИЏФ) за организирањето на Европскиот џудо куп 2023 година, на ЏФМ повторно и беше доделена организацијата на уште еден настан од највисок меѓународен спортски ранг.

Наредната година Џудо федерацијата на Македонија ќе биде организатор и домаќин на Европското кадетско првенство.

Од Џудо-федерацијата на Македонија ги покануваат сите вљубеници во боречките спортови масовно да го посетат Европскиот џудо-куп во Скопје. Влезот е бесплатен.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО