Агенцијата за млади и спорт (АМС) денес во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ додели 500 стипендии на млади спортисти до 20 години од цела Македонија, а голем број од нив се за припадниците на боречките спортови.
– За развој и унапредување на младите спортисти во Република Македонија продолживме да доделуваме стипендии на 500 млади спортисти. Со тоа ставаме јасно до знаење дека веруваме во младите спортисти, во нивните капацитети и заради тоа активно инвестираме во нивната иднина. Стипендиите се доделуваат на спортисти, кои оствариле резултати на официјални државни и на меѓународни натпревари за возрасни категории до 20 години државјани на Република Македонија, во олимписки и параолимписки спортови, изјави Марјан Спасески, директорот на АМС.
Проектот е започнат со реализација во 2008 година, а стипендијата изнесува 20% од просечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходната година, односно околу 4.400 денари за октомври оваа година. Спасески очекува голем број од корисниците на стипендиите во иднина да ја афирмираат Македонија на спортски план.
– Стимулот на младите од овој тип ќе значи многу за талентираните спортисти да опстанат во битката за градење на професионалниот лик и за создавање идни репрезентативци, кои ќе ги бранат боите на државата.
Досега, во изминатите осум години се доделени вкупно 3.804 стипендии, а со годинешните 500, бројката ќе се искачи на преку 4.300 стипендии, за што од буџетот на АМС се издвоени околу 2.5 милиони евра.
– Како директор на институцијата која се грижи за развој на спортот, сакам да ви порачам упорно да тренирате, да бидете посветени, да ги слушате вашите тренери и верувајте успесите ќе тропнат на вашите порти. Затоа, бидете посветени, напорно тренирајте, а Агенцијата за млади и спорт ќе биде секогаш тука за вас, ќе го следи секој ваш чекор и ќе го вреднува секој ваш успех, бидејќи тоа ќе биде успех и на Република Македонија, им порача Спасески на младите македонски спортисти на доделувањето на стипендиите.