50 години карате во Македонија: Димче Кичевски – Спортист на векот од областа на каратето на Македонија! (втор дел)

По повод „50 години карате во Македонија“ објавуваваме колумна на „членската книшка број 1“ во македонското карате, Димче Јанковски, во два дела – втор дел.

Ова е посебна пригода за сите поборници на карате вештината да се запознаат со почетоците и неговата еволуција во најмасовен и најтрофеен спорт.

1974 година беше годината кога Македонија ги доби првите карате мајстори. Тоа беше полагање одржано од мајстор Таиџи Казе во Партизан 3 во Скопје. Од осум кандидати, шест ги задоволија критериумите и се стекнаа со звање карате мајстор I дан. Тоа беа: Драган Стојановски, Александар-Сашо Караѓозов, Драган-Ѓоле Савиќ, Исмет Мехмети, Добри Кралевски  и како најуспешен беше прогласен Димче Кичевски. Во тој момент мислев дека мајстор Казе, Кичевски го прогласи од некои други побуди, но сум се излажал. Кичевски беше неприкосновен низа години на теренот во Македонија и на просторот на СФРЈ. Заради бројните успеси беше прогласен за Спортист на векот од областа на каратето на Македонија.

Истата година во Будва на семинарот пред мајстор Коно положија за прв дан вадорју каратистите Евстратијос – Страте Турунидов, Бранислав Радовановиќ и Драгољуб Колевски. Веќе во наредната година со мајсторско звање се стекнав јас со Слободан-Бобан Младеновиќ и Миланчо Черкезов. Ова полагање се одржа на крајот од семинарот во Будва, поточно во училиштната сала во селото Радановиќи.

Заради малиот број натпревари, вообичаено едно Републичко првенство, како за постарите, така и за помладите, решив да ја збогатам спортcката активност на малите.

Имено, во 1976 година, преку карате секцијата Иван Горан Ковачиќ, која ја водев од 1974 до 1981 година, одлучив да организирам натпревар. Поводот беше во чест на  Денот на словенските просветители Кирил и Методиј 24 Мај и 25 Мај – Денот на роденденот на другарот Тито. На 25 мај 1976 година во холот на истото училиште беше организирана првата Пионерска карате демонстрација. На оваа манифестација зедоа учество 2 клуба, ИГ Ковачиќ, како домаќин, и Мирче Ацев. Вкупниот број на учесници беше 27 каратисти. Тоа е почетокот на настанот со најдолга традиција во Македонија, која и ден-денес продожува да се организира (сега под име Лорд куп кој годинава ќе се одржи на 20 мај по 42 пат).

Некоја година подоцна Карате клубот Металург почна со традиционалниот меморијален турнир „Нике куп“ кој и до денес успешно го организира. Потоа следеа бројни турнири организирани од карате клубовите во Македонија, како турнирите во Кичево, Пилеп, Битола итн. Одреден број купови згаснаа со згаснување на клубовите, а се појавија нови кои придонесуваат за напредокот на каратето.

Да се навратам на Пионерската карате демонстрација која од 1980 година се збогати со издавање налепници со симболи на вадорју каратето. Воедно, повеќето од нив отсликуваа моменти од нашето поблиско и подалечно историско или карате минато. Овие налепници се делат на учесниците за спомен на настанот на кој учествувале. Воедно, дипломите кои ги добива секој учесник, се со сите досегашни издадени етикети каде што се гледа историскиот развој на купот.

Во 1996 година името на купот го сменив во Европски кадетско детски карате куп. Купот беше пет години и во календарот на Европската карате федерација од 2001 до 2005 година. Со ова име настанот 13 години беше организиран, но заради ултиматумот од Карате федерацијата на Македонија, во 2009 година, бев приморан да го исфрлам зборот ЕВРОПСКИ.

За жал, и покрај бројните дописи, ургенции, мејлови … релевантен одговор од КФМ, зошто мора да се брише зборот европски, до денешен ден нема. Купот продолжи да живее под името Лорд куп со прекар Европски кадетско детски карате куп.

Лорд купот продолжува со традицијата и оваа година ќе биде одржан по 42-ри пат, но го смени карактерот. Имено купот испраќа само ограничен број покани и на истиот од оваа година ќе се прогласуваат ката изведувачи како носители на карате оскар. Воедно оваа година на учесниците на 42-от Лорд куп ќе им биде поделена книгата Половина век карате 1967-2017.

 

Во 1991 година во Охрид се одржа годишно Собрание на Карате сојузот на Македонија. До ова Собрание, претставниците на шотокан клубовите кои беа во претседателството ја кроеја политиката, не дозволуваа вадорју да биде рамноправен. Во Охрид оваа неправда беше надмината со одлуките: во претседателството одлуките да се носат со консензус, судиите да бидат делегирани подеднакво од двата стила на  сите  натпревари итн. Оваа пракса траеше релативно долго и беше позитивна за спортот воопшто. На европските вадорју првенства се настапуваше со заедничка репрезентација, па дури и шотокан каратисти учествуваа со вадорју кати на тие настани.

Во правец на надминување на разликите и антагонизмот, почнаа и заедничките семинари во Охрид. Но за жал, нетрпеливоста на шотокан каратистите кон вадорју, беше, и за жал, остана и до ден-денес. Како пример на еден таков однос, во 1985 година во Oхрид на крај од семинарот имаше полагање за втори дан. Од 2-30-тината канидати првите седум беа вадоријанци. Комисијата составена од шотоканци оценуваше седум елементи при полагањето. Комисијата ги даде своите оценки 7х7 = 49, ни повеќе ни помалку само единици, значи ни една ниту двојка. Што беше причината за ваквата постапка, оставам читателот да заклучи.

Почетокот на деведесеттите, Карате сојузот на Македонија го промени името во Македонска карате федерација и под тоа име беше примена во Европската карате федерација. За жал, по неколку години, личните интереси и финасиски апетити на некои личности, Федерацијата се подели на два табора. Со политички манипулации и изигрување на законите, едната група (МКФ) го изгуби легитимитетот. Отцепената група која доби легитимитет, подоцна го смени и името во Карате федерација на Македонија, а уште долги години потоа во Европската федерација се водевме под името Македнска карате федерација. По 2002 година згасна МКФ и сега функционира само КФМ.

КК Вардар 1981 година на стартот на новоформиранта Прва лига

Во почетокот на деведесетите години, Венцислав Недев со Карате клубот Работнички се оддели и ја формира Македонската традиционална карате федерација на Македонија.

Во 1994 година, карате клубот Аеродром по повод несреќно загубениот член на клубот, почна да го организира меморијалниот турнир „Ирена куп“. Се одржуваше на почетокот на месец март и на него учествуваа исклучиво женски каратистки, а се трудевме да бидат што повеќе вклучени жени судии. Секоја учесничка добиваше подарок и цвеќе што даваше посебен амбиент на учесничките. Според мои сознанија, во Европа, а може и пошироко, натпреварот со ваков карактер, беше единствен. 16 години живееше овој турнир, но заради новонаметнатите услови и други околности, на Конференцијата на КФМ во 2010 година, јасно и гласно го предадов Купот за организирање во рацете на раководството на КФМ. За жал, истиот не продолжија да го организираат. Па така, овој единствен по карактер натпревар згасна. Ниту тогаш, ниту подоцна, не побарав, па и сега, а и не барам објаснување зошто одговорните на КФМ постапија така.

Карате клубот Аеродром покрај одржувањето на традицијата на летниот вадорју карате семинар, од 2009 година почна со организација на ВадоДанДен средби. Овие средби на вадорју карате мајсторите по традиција секоја година се одржауваат на крај на летото во амбиентот на Кајак клубот Ластовица во Сарај. Бројот на учесниците е различен од година до година, но на некои средби присуствуваат и шотокан мајстори.

Елвир Куртановиќ – шампион на Европа 1993 год. и тренерот Јован Лазарев

Во 2005 година, преку КК Аеродром е издадена книгата Македонската историја на дланка, напишана од проф. д-р Марјан Димитријевски. Втората  издадена книга преку клубот е „Мојот вадо“ во 2007 година, а оваа година излегува од печат третата книга, односно мојата втора, „Половина век карате“.

Карате клубот Аеродром, со кој раководам, а во интерес на популаризација на карате спортот во изминатиот период има подарено на 18.000 тетратки. Овие тетратки се од неискористените дипломи од купот, како и од пропозициите. Да спомнам само дел од добитниците на тетратките, како прво последните петнаесетина години, секој учесник на купот добива тетратка/две за спомен од настанот, потоа 1.500 на градоначалникот на општина Пустец во Албанија, по над илјада се дадени на ОУ Ѓоргија Пулевски – Скопје, Климент Охридски и Кочо Рацин – Прилеп, потоа во Крушево, Демир Хисар, Вевчани, Радожда, Битола …

Се надвам дека дел од историјата пренесов во овој напис. Можни се пропусти во некои делови како години или личности, но убаво ќе биде во мое дополнение свое видување и детали од настаните да дадат и другите учесници во карате спортот.

Крај.

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON