Можеби најдобриот кикбоксер денес, Турчинот Гокан Саки, повеќе не е дел од елитната Глори. Туку веќе е најавено негово појавување на ГФЦ настанот против Себастијан Чобану, кој очигледно може да ги подмири неговите финансиски желби. Глори не може!
Во последното интервју за холандски медиуми, Саки објасни зошто се разотидува со до неодамна неговиот работодавач. Проблемот, според него, исклучиво е во парите. Како што пишува познатиот Liverkick, челниците на Глори последните неколку месеци „мозгаат“ што треба да направат за да ги направат нивните настапи финансиски исплатливи, бидејќи засега работат со огромни загуби, кои сопствениците не сакаат повеќе да ги толерираат.
Планот е да се сконцентрираат на САД, бидејќи таму се прави најмала загуба, а тоа значи и фокусирање на борци кои се популарни во Америка. Тоа, спрема сите показатели, ниту е Тајрон Спонг, ниту е Гокан Саки, две најскапи преземања на Глори. Глори 15, на којшто настапија најголемите имиња што веќе ги споменавме, имаше најлоша гледаност од сите настани на Глори. И тоа таму каде што се смета на најголема гледаност – во САД, или на Спајк ТВ.
Сепак, Саки, како што рече во интервјуто, тоа не го интересира и им порачува на челниците на Глори „дека со нив нема проблем, но и дека не сака да настапува ниту за еден цент помалку од неговата вистинска цена“. А таа е неколку стотици илјади долари. Исто така, Саки додаде дека компанијата го уништува „американското“ влијание кое не го познава кик боксот како таков“, но истакнува дека „во Глори секогаш имал многу добар третман“.
Секако, сите би сакале Глори да се одржи и да не ја доживее судбината на К-1 промоцијата, но очигледно е дека кикбоксерите мора да сфатат дека нивните цени зависат од пазарот, а тој во моментов е таков што ниту Гокан Саки не може да заработи баснословни суми што ги бара…
По долга пауза се враќа Глори со настан во Дубаи на 3 април.