Заборски ја доби стипендијата на АСМ од меѓународен категорија, Хусеини задволен со бронзата

Петар Заборски го освои бронзениот медал на Европското првенство во јуниорска конкуренција до 21 година во Софија, а по тој повод денеска имаше прием во Агенциијата за млади, каде што се одржа и прес-конференција. Заборски ќе биде награден со стипендија од меѓународна категорија од АСМ.

Заборски се заблагодари на Агенцијата за млади и спорт, федерацијата и матичниот клуб, кои и дадоа поддршка на каратистите.

„Презадоволен сум од резултатот со оглед на тешките противници кои се прво и второ рангирани на светската листа. Го освоив бронзениот медал благодарение на мојата физичка и психичка подготвеност. Сакам да се заблагодарам на сите кои несебично ни дадоа поддршка, а со тоа и мотив за дополнителна работа“, изјави Петар Заборски, кој е член на КК Макпетрол и е носител на сребрен медал како јуниор од ЕП пред две години.

„Карате спортот е во голем подем и има голем потенцијал, а во последниве неколку години имаме неколку европски шампиони и вицешампиони во повеќе категории и во машка и женска конкуренција, со што карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава. Тоа се докажа и на ова Европско првенство. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја. Практично, ова е прв медал за македонското карате, откако овој спорт стана дел од олимпиското семејство“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Тој упати честитки до сите репрезентативци, до тренерите и целокупниот стручен штаб на репрезентацијата, за како што рече, големиот успех и порача дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму финансиски и логистички ќе го поддржува карате спортот во државата.

„Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признание – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена“, нагласи Спасески..

Сепак, македонската карате репрезентација во борби и во кати, не го повтори успехот од ЕП 2016 во Кипар, кога освои шест медали (едно сребро и пет бронзи), што е и најголем успех во оваа конкуренција, но она што радува е континуитетот на освојување медали од младинските ЕП последниве 6-7 години. Ова е прв медал за македонските каратисти откако каратето и официјално стана олимписки спорт. Каратето ќе дебитира на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, во 2020 година.

„Европските првенства од година на година се сѐпосилни и помасовни, па затоа и многу потешко се доаѓа до медал. Задоволен сум од бронзата на Заборски иако очекував уште најмалку два медала. Кога говорам за ова, пред сѐ мислам на Петар Спасеновски, кој беше оштетен од судиите и на Моника Пендароска, која досега има освоено три медали од ЕП. Причината за тоа што не освоивме повеќе медали не ја гледам во недостигот од тренинзи, бидејќи матичните клубови го даваат максимумот во нивните подготовки, а репрезентативните, пак, дејствуваат во насока на тактиката, но и на мотивацијата во борбите. Сметам дека желбата за медал уште е недоволна кај каратистите, односно уште се реагира недоволно оптимистички кога ќе се добие противник од некоја силна репрезентација. А не треба да заборавиме дека денес и нашите противници не се многу расположени кога на татамите ќе добијат конкурент од Македонија“, рече тренерот на македонската селекција до 21 година, Арлинд Хусеини.
Инаку боите на Македонија во Софија ги бранеа 35 каратисти, од кои најмногу (девет) беа од КК Металург.

Погледите на младата репрезентација се свртени кон СП во Шпанија во октомври и МЛОИ во Аргенитина во 2018 година.за младите категории

Ipon.mk

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON