Втора година по ред, каратистот Емил Павлов од КК „Штип“ е избран за најдобар спортист на градот Штип.
„Чувството е прекрасно што по втор пат сум избран за спортист на градот Штип. На Европските игри во Баку го освоив бронзениот медал, а на Европското првенство во Инстанбул бев петти “ , вели Емил Павлов.
Најдобра јуниорка е Бојана Манева од КК Штип, а кај кадетите, најдобри резултати во изминатава година постигнал борачот на БК „Балканец“ Мартин Стојанов, второпласирана е кик-боксерката Викторија Варадинова, а третото место го делат борачот Серхан Шахиров и кик-боксерот Божјидар Јанков.
Кај пионерите, најуспешен за 2015 е каратистот Григор Хаџикимов, второто место и припадна на одбојкарката Тамара Христовска, додека на третата позиција се борачите Давид Мишев и Петар Тодев.
За спортски подвиг на годината се прогласени резултатите на фудбалскиот тренер Влатко Костов, голманот Филип Гачевски и планинарот Д-р Зоран Џидров.
За најдобар тренер е прогласен Жарко Арсовски, кој е тренер на најдобро рангираниот Павлов, за најдобар клуб е прогласен ППК „Шампион ФА“, додека за најдобри судии се прогласени одбојкарскиот судија Никола Мицевски и фудбалскиот делител на правдата Никола Караколев. Признание за најдобар спортист во екипните спортови ќе добие Кристина Манева. За најдобра екипа во среднишколска конкуренција е прогласена женската одбојкарска екипа на гимназијата „Славчо Стојменски“, додека кај основците, најдобри се ракометарките и одбојкарките на ОУ „Димитар Влахов“.
За најдобри спортски новинари се прогласени: Драги Герасимов, Христијан Митев, Кирил Манев и Никола Арсов.
Свеченото доделување на наградите и признанијата ќе се одржи на 28 јануари, четврток, во големата сала на Општина Штип со почеток во 18:00 часот.
Ipon.mk/В.Д.