На денешен ден Шабан Трстена го освои златниот медал на Олимписките игри 1984 година

На овој ден пред 39 години македонската и југословенската јавност се израдува на златниот медал на Шабан Трстена на Олимписките игри во Лос Анџелес 1984 година. Ова е историски златен медал за македонското борење со кој Шабан Трстена влезе во светската историја.

По тој повод олимпискиот шампион се огласи на Фејсбук.

„Драги пријатели, спортисти, уметници, професори, тренери, спортски новинари, медиуми, роднини и моето семејство:

Можеби за голем број луѓе овој историски ден не е многу важен.

Без разлика, со еден збор, од се срце ви благодарам на сите кои пред 39 години, еден дел од вас искрено се радувавте на мојата победа којс беше крунисана со златниот олимписки медал во Лос Анџелес.

Затоа, многу убаво се сеќавам на денешниот ден, пред точно 39 години, кога почна да отчукува олимпискиот часовник,дојде време да го исполнам мојот детски сон, првпат да учествувам на Олимписките игри во Лос Анџелес.

За да стигнам до врвот на спортскиот Олимп, каде што можат да се искачат само најсилните, најхрабрите спортисти, јас, Шабан Трстена, морав прво да исполнам олимписка норма со много под и поминам низ тежок, трнлив пат, вистинска голгота за мене. Како млад спортист, беше многу тешко да се успее во тие тешки времиња, кога немавме услови како во денешно време.

Се започна на првиот ден од Новата година во Скопје, петок, првиот ден, 1 јануари 1965 година, каде токму на овој ден се роди сиромашно момче во населбата „Јахија Паша“, во неасфалтирана улица со кал и дупки, кои водат право во куќата каде мајката на шампионот Садија, која за жал веќе долги години не живее меѓу нас, го израдува семејството со уште едно здраво машко дете.

Таа мајка ќе го роди Шабан Трстена кој подоцна, по 19 години, со златни букви ќе го запише своето име во историја на спортот. Тој ќе биде прогласен за олимписки шампион, најмлад со 19 години, што и тогаш и сега е рекорд на сите времиња во олимписката историја, 127 години од 1896 година и до последните Олимписки игри во 2021 година во Токио.

Се сеќавам како денес како со нетрпение чекав да минат секоја секунда, секоја минута, секој ден и ноќ, до долгоочекуваниот момент, најомилен во мојот живот како спортист.

На денешен ден, на 10 август, пред 39 години, беше петок во 1984 година во Лос Анџелес, каде првиот олимписки златен медал го освои еден млад спортист од Скопје, кој триумфално ја крена златната олимписка рака.

Златниот сон се оствари на денешниот ден, олимпиското злато беше најсреќниот момент во мојот живот, исполнет со полн успех, кога како момче од сиромашниот кварт на мојот роден град станав најмладиот олимписки шампион со само 19 години.

Ова е животот на еден олимписки шампион, шампионот не се раѓа, туку станува шампион, благодарејќи му на Бога, семоќниот, кој ми даде волја, доверба, сила и здравје, да тренирам многу напорно, истурајќи многу пот од моето тело, со голем фанатизам, тренирав секој час, дење и ноќе, на снег и дожд. Никогаш не се откажав.

Тоа беше моментот како Господ да ми зборува,  и како да ми вели: Ти Шабан и твоите тренери Насе Насев и сега поконијот Хајруш Синани, не се откажувајте. Продолжи, тренирај колку што можеш, затоа што твојот детски сон ќе се оствари.

Продолживме, иако немавме никакви услови, немавме ниту спортски сали, теретана, ниту фитнес, затоа и патувањето беше долго и многу напорно.

Целиот овој успех дојде затоа што имав волја и самодоверба да тренирам многу напорно. Секој час, дење и ноќе, бев подготвен за долги и тешки патувања, бев подготвен за победа и подготвен да ги „тресам“ петте континенти на светот! Само да бидам голем спортист на Балканскиот полуостров, во Европа и во светот.

Ова е моја најголема сатисфакција која ме прави да се чувствувам горд до ден денес, на оваа 59-годишна возраст што сум полн со радост, ноќта ја претворив во ден бидејќи во текот на животот имам остварено 757 победи на светската спортска арена.

Никогаш не жалам за големите жртви, потта и доживувањето на многуте неправди што ми се направени, моментите на стрес и емоции, психичките пореметувања.

Не жалам ни за тоа што и покрај моите успеси, како врвен спортист никогаш не сум бил материјално ценет од државата и од надлежните институции.

Мора да кажам,а вие да знаете. Шампионот не се раѓа, туку станува шампион само со многу, многу силни тренинзи со голема дициплина, волја, борбеност, со многу жртви, исфрлање многу пот од телото, со голем фанатизам, тренирајќи секој ден и ноќ, во снег и дожд, само за да станам голем шампион.

Ово  беше мојата тајна на успехот длабоко во мојата спортска душа! Тренинг и само тренинг! Одев прв, но последен го напуштав тренингот. Еве овие мои сеќавања од мојата богата кариера сакам да ги пренесам до сите млади спортисти. Избери спорт, пронајди се во него и посвети се на успехот, можеби ти си следниот голем шампион!

Уште еднаш честитки Ш.Трстена за 39 годишнина од златната олимписка година и со желби следната година да ја прославиме јубилејната 40-годишнина од освојување на олимпискиот златен медал во 1984 година.

Благодарност до сите што знаат да го ценат овој ден. Со почит од спортистот на 20. век Шабан Трстена“, напиша Олимпискиот шампион.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON