Зоран Пејов за Големиот балкански карате до семинар во Скопје: Ќе бидат откриени дел од тајните на карате до -досега непознати на овие простори

Во сабота и недела (7 и 8 октомври) во Скопје ќе се одржи 3-от по ред Голем балкански карате до семинар после неколкугодишна пауза поради пандемијата со коронавирусот.

Домаќин на семинарот е Зоран Пејов (5 дан) и Карате центар „Пејов“ во доџото на клубот во Автокоманда (16-та Македонска бригада бр.16, локал 12, спроти Ветеринарната болница) со почеток од 18 часот во сабота и од 14 во недела.

Семинарот го предводи веќе познатиот инструкторски тим – сенсеи Зоран Пејов, сенсеи Милан Ѓокиќ и сенсеи Тони Петров.

По тој повод сенсеи Зоран Пејов изјави:

„По 3 пат после пандемијата се реактивира Големиот балкански карате до семинар. Повторно заедничка енергија, сплотување, обединување, и, пред се, вистинска карате до и будо енергија.

Сите заедно на патот наречен Карате до.

Патот на животот, чесноста, искреноста и човечноста“.

Пејов наведува дека на семинарот ќе бидат откриени дел од тајните на карате до кои што досега не се познати на овие простори. Ќе бидат демонстрирани чисти техники директно од изворот, без никакви модификации.

Ќе се работат техники од кихон, ката, кумите, како и реални техники на саамодбрана (невооружен и вооружен напаѓач).

„Денес, за жал, сите трчаат по натревари, медали, титули… Ретко кој ја разбрал суштината на бавењето со боречките вештини, особено карате до.

Секој треба да се труди да се надмине себеси како индивидуална личност, да биде подобра личност, а со тоа ќе се добие и подобро општество. Значи, борба со себеси не само турнири, освојување на медали. Сето тоа е убаво и треба да постои, но не треба да е тоа приоритетот“, вели Пејов и нагласува:

„Градењето на карактерот на личноста, издигнување на нивото на свеста и пред се човечноста. Сите овие вредности ги презентираме на нашиот семинар. Затоа бидете дел од овој редок „будо“ семинар. Сите се добредојдени, карате до обединува“.

Да потсетиме, годинашниов семинар стартуваше на 2 и 3 јуни во Софија, а заврши во градот Кнежа – Бугарија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON