Берат Јакупи од КК Фати од Гостивар ја потврди формата и во германскиот град Ханау каде што во категоријата до 84 клиограми го освои првото место. Јакупи во финалето го совлада Русинот Александар Алеив со 1:0.
Третото место го поделија Нело Маестри од Италија и Милош Јовановиќ од Србија. Оваа победа му ги отвора вратите на Јакупи за висок пласман во конечниот пласман во Карате 1 Премиер лигата.
Јакупи до златниот медал сигна откако второто коло славеше против Филип Суси (Канада) со 5:0, а во првото беше слободен. Во третото коло го совлада Данецот Кевин Корт со 7:3, а најтешката борба му беше со Летонецот Андрејс Озеровс, кого го совлада минимално со 1:0. Потоа следеа триумфите над Нело Маестри од Италија со 4:1 и Волд Донован од Холандија со 5:0.
Победата му ги зголемува шансите за титулата во вкупен пласман во категоријата до 84 кг во Карате 1 Премиер лигата, затоа што најголемите конкуренти за златото, Гркот Михал Цанос и Азербејџанецот Ајхан Мамаев не настапија на овој турнир.
Јакупи е актуелен европски првак од Лисабон, и повеќекратен европски шампион во јуниорска и кадетска конкуренција, На Светското првенство за сениори во Гвадалахара (Шпанија), Јакупи го освои третото место и бронзениот медал.
Покрај Јакупи во днешната програма настапија уште Огнен Груевски (-84 кг.) од Металург, кој загуби со 0:2 во првото коло од Турчинот Гокхан Гиндиз.Од другите наши каратисти, во Ханау најуспешни беа Иво Цветковски и Симона Заборска. Цветковски (-75 кг.) ги победи Микеле Асани (Италија) со 2:0, Абдула Руина (Мароко) со 3:1, Робин Винтерс (Германнија) со 2:0, но загуби од Турчинот Сехан Јагчи со 0:1. Во оваа категорија настапи и Енес Смаилагиќ, кој уште на стартот беше поразен од Турчинот Ерман Елметур со 0:3.
Заборска (-61кг.), беше слободна во првото коло, во второто ја победи Дилета Бенедето (Италија) со 3:0, во третото Стефан Машаду де Оливера Маике од Бразил со 3:0, но потоа со прегласување на судиите загуби од Французинката Лејла Ерто, при резултат 0:0..
Другите наши каратисти немаа многу среќа. Наташа Стефановска (-61 кг.) загуби на од Стефани Кауп (Австрија) со 0:3, Сара Радичевска (-55 кг) беше елиминирана уште во првото од Марија Кулинкович (Белорусија) со 0:2, Моника Стефановска ја мина Финката Тита Кеиненен со 1:0, а потоа загуби со 0:2 од Шпанката Кристина Вициано.
Утре настапува Жарко Арсовски (+ 84 кг.), кој е трет во вкупен пласман по победата на турнирот во Париз. Тој во првото коло се среќава со Данецот Кристијан Јакоб.
„Карате 1 Премиерлигата“ завршува со натпреварот во Салцбург, Австрија, на 11 и 12 октомври, а турнирот во Ханау собори рекорд по бројот на учесници. Беа пријавени 867 спортисти од 59 држави. Во ноември, исто така во Германија, но сега во Бремен, ќе се одржи Светското првенство за сениори, така што турнирите од Премиер лигата се генерална проба пред најголемиот настан оваа година.
ipon.mk/В.Д.