Бразилската ММА легенда Жуниор дош Сантос застана во одбрана на својот поранешен противник Каин Веласкез. Веласкез неодамна беше уапсен откако се обидел да убие педофил кој извршил блуд со неговиот 4-годишен син. Веласкез не го уби педофилот.
Поранешниот шампион на УФЦ во тешка категорија моментално е во притвор. Доколку биде прогласен за виновен, може да се соочи со 20-годишна или доживотна затворска казна. Во минатото, Жуниор и Веласкез направија една од најголемите трилогии во историјата на ММА.
Во првата борба во 2011 година Дош Сантос победи со нокаут за 64 секунди и стана шампион. Следеа две победи за Веласкез со одлука и со нокаут.
„Како противници во боречките вештини го споделивме сонот да победиме и да станеме број еден. Денеска како родители победата што сакаме да ја постигнеме е благосостојбата и безбедноста на нашите семејства.
Има уште многу да се открие и истражи во оваа ситуација во која е вмешан Каин Веласкез. Верувам дека секој родител би го направил истото кога би бил на негово место.
Нека биде задоволена правдата и Каин да биде таму каде што му е местото – со семејството. Го поддржувам Веласкез. Ослободете го Каин Веласкез!“, напиша Жуниор на социјалните мрежи.