Жарко Костосвки: СП во Тенерифе, уште една „Есенска тажна слика за Македонското карате“!

Читајќи ги написите и коментарите во Ипон.мк во изминативе неколку дена, а како познавач на нештата, а и од професионален аспект не можев а да не го искоментирам последниот настап на КФМ на Светското првенство во Тенерифе. Уште една „Есенска тажна слика за Македонското карате“, но овојпат за помладите возрасни категории.

Бродот одамна почна да тоне, ама поради самобендисаноста и несакањето да се погледне околу себе за да се види реалната слика, дека капетаните го навлекуваат бродот на гребен, и дека бродот е осуден и да потоне.

Мало потсетување. Минатата година во овој временски период (ако не сум грешка во почетокот на декември) во Сараево се одржа Балканското првенство за кадети, јуниори и У-21. Постигнатите резултати беа на многу ниско рамниште, репрезентацијата во сите три селекции се врати како 5-то пласирана, што не може да се каже дека е некој успех поради бекграундот кој што го има Македонската карате федерација на Балканско ниво. И тогаш многу лесно се премина преку тоа, или народно кажано „никому ништо“ не се прикажа никаков извештај за сработеното и постигнатото. А зошто? Затоа што претходно немаше ништо сработено и се што ќе се освои ќе биде добре дојдено. КФМ настапи со голем број на натпреварувачи се потрошија доста пари и ???? Никој не се јави да објасни или да преземе некаква одговорност.

Набргу после тоа првенство, во месец февруари, се одржа Европското првенство за кадети, јуниори и У-21. Во периодот меѓу двете првенства, повторно никакво случување, освен петдневни завршни подготовки пред тргање. Повторно репрезентативен настап во полн состав, 35 натпреварувачи. Повторно резултат кој никој не го коментираше и не застана позади него. Ако се иземе единствената светла точка што го обели образот на КФМ, Петар Заборски со освојувањето на бронзениот медал во У-21. Иако, како тренери на репрезентациите немаа ништо вложено, сепак наградите добро им доаѓаат.

И овој дебакал до никого не допре, никој не се испотресе, никој не седна да разговара и договори стратегија за понатамошно делување, никој не се запраша дали е ова вистинскиот модел за постигнување/непостигнување спортски резултати.

Нештата продолжуваат да се движат по истиот пат, спортистите настапуваат на турнири за да ги задоволат поставените критериуми за состав на репрезентацијата (но само за влез во репрезентацијата, затоа што фамозниот правилник е ригорозен и воопшто не коренсподира со формата на спортистите за самото првенство), репрезентативните тренери изигруваат администратори, кои им ги собираат освоените бодови, формираат репрезентативен состав и толку. И така се движат нештата од февруари до октомври, за една недела пред тргнување на Светското првенство се организираат еднонеделни завршни подготовки (клише, божем е тоа најбитниот момент, и некој со волшебно стапче ќе ги издигне спортистите на највисоко ниво).

И??? Сега сме изненадени од постигнатиот резултат на самото првенство!? Се прашувам само со кој ум се најавуваше оптимизам и добар резултат пред тргнувањето, кога во изминатава година се навестуваа овие резултати. Очигледно дека проблемот е во тоа што некој не сака да го види реално системот кој што не/функционира во организациона и стручна поставеност.

Ако малку ги анализирате финалните резултати, многу лесно ќе воочите дека сите земји од блиското опкружување се со постигнати медали и високи пласмани. Ако ги видите пласманите од минатогодишното Балканско првенство ќе забележите дека земјите што во генерален пласман беа под Македонија, сега се закитија и со медали и со многу високи пласмани. Зошто? Затоа што знаеја што сакаат и како да стигнат до целта, а не со импровизација. Како долгогодишен професионалец во каратето, тврдам дека и во Македонското карате има расадник од потенцијални и докажани каратисти, прави спортисти кои даваат се од себе и ги исполнуваат сите поставени задачи но …, и сигурен сум дека и на ова првенство некои од нив требаше да бидат во ситуација да се качат на пиедесталот.

За потсетување, Нема многу време до наредното Европско првенство, Остануваат уште три ипол месеци. Мислите дека и понатаму треба да функционирате во истиот систем и со истите луѓе, дека со промената/олеснувањето на критериумите за состав на репрезентацијата ќе обезбедите подобри администратори, или како на сениорите така и на овие млади каратисти да им пропадне и наредната сезона?

Пишува
Проф. д-р Жарко Костовски
Редовен професор на Факултет
за физичко образование, спорт и здравје

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО