Пред извесно време пишувавме за сместувањето на децата репрезентативци на Балканското првенство за деца во Истанбул, Турција, каде што наместо по две до три деца да бидат сместени во соба, како што било ветено со понудта пред тргнувањето, а за што платиле по 41 евро од ден, тие биле по 5-6 деца во соба.
Многу родители и тренери реагираа на ваквата постапка, а водачот на патот на Карате федерацијата на Македонија (КФМ), Бесник Мурати, за Ipon.mk изјави дека одговорноста за ова паѓа на турситичката агенција Атлантис и дека за несодоветното сместување ќе и врати дел од парите на децата.
„Сите балкански репрезентации го имаа истиот проблем со сместувањето, не само ние. Турците не се придржуваа на договорите со туристичките агенции, според билтенот. Па, затоа ние на лице место, заедно со делегатот Горан Милковски, со одговорно лице од Турската карате федерација (ТКФ), а во контакт со Агенцијата, договориме друга цена. И, на сите кои не беа сметени по договорот ќе им биде вратена одредена сума на средства од страна на ТА Атлантис. Хотелот беше со 5 ѕвезди, храната беше одлична, децата го користеја и базенот. Други проблеми немаше“, вели Мурати.
Како што дознавме од поедини клубови агенцијата испратила допис со кој бара жиро-сметки за да ги врати парите, но не е назчено кога и колку пари ќе им бидат вратени.
За овој случај побаравме мислење и од Македонскиот олимписки комитет и од Агенцијата за млади и спорт, но до ден-денес не добивме одговор. Сепак, тие деца се иднината на нашиот најуспешен спорт.
Да потсетиме дека македонската репрезентација освои 15 медали – 3 златни, 5 сребрени и 7 бронзени, на што треба да бидеме горди.
Ipon.mk/В.Д.