Тајсон Фјури ќе се бори првиот викенд во декември, но негов противник нема да биде Американецот Дионтеј Вајлдер.
Aмериканскиот промотор на Фјури, Боб Арум, рече дека Вајлдер не успеал да активира клаузула во договорот за реванш против британскиот боксер.
Како резултат, Фјури е принуден да најде нов противник во борбата за одбрана на титулата ВБЦ, а Арум има пет можни предизвикувачи на својата листа, иако вчера како најизгледен беше лансиран Оскар Ривас.
Прв на списокот е 28-годишниот Германец Агит Кабајел кој има 20 победи и моментално е без пораз во својата професионална кариера. Совршен скор има и Ефе Ајагбу, 26-годишен Нигериец кој го држи 23-то место меѓу најдобрите тешкаши во светот според „BoxRec“.
Следен на списокот е Оскар Ривас, 13-тиот боксер во гореспоменатата ранг-листа со скор од 26 победи и еден пораз. Сепак, тој не се борел од јули минатата година.
Мајкл Хантер, седмиот тешкаш во светот според BoxRecсо сооднос од 18 победи и еден пораз , исто така ја имаше последната борба минатата година. Тој ремизираше со Александар Поветкин во декември 2019.
Последен на списокот на можни противници на Фјури е Чарлс Мартин, поранешен светски шампион и 14-ти на скалата на „BoxRec“ со 28 победи, два порази и едно реми.
Доколку го добие мечот на почетокот на декември, Фјури следната година ќе се бори против Ентони Џошуа.