Шампионот на ВБЦ во тешка категорија, Тајсон Фјури, конечно најде противник. Британскиот боксер ќе се бори на 28 октомври во Саудиска Арабија против поранешниот шампион на УФЦ Френсис Нгану.
Мечот ќе се одржи според стандардните боксерски правила, но влогот во мечот нема да биде појасот на ВБЦ.
По мечот против Дерек Чисора Тајсон Фјури се обиде да договори борба за обединување на појасите со Aлександaр Усик, но преговорите пропаднаа.
После тоа се споменуваа неколку можни кандидати, а еден од нив беше и Ентони Џошуа.
Промоторeт на Фјури, Френк Ворен објасни зошто шампионот на ВБЦ решил да се бори со Нгану.
„Што би можеле да направиме? Баравме вистински предизвикувач за Фјури кој би можел да се исплати финансиски. Руиз не може да бара 20 милиони долари, па тоа е борба за појасот. А Џошуа повеќе би сакал да се бори со некој кого Тајсон веќе го победил, а ја одби поделбата 60-40“, рече Френк Ворен и додаде:
„Сите сакаат да го гледаат мечот меѓу Фјури и Нгану, но секако сакаме да ја видиме и борбата против Усик. Но ги напуштија преговорите, мислеа дека ги чекаат поголеми и подобри работи. Тоа беше нивен избор“.