Владимир Кличко сериозно размислува за големо враќање во боксерскиот ринг, но само под еден услов

Сегашната состојба во тешка категорија јасно го покажува Александар Усик како апсолутен шампион по неговите победи над Тајсон Фјури, Ентони Џошуа и Даниел Дубоа.

Со првата победа над Фјури, Усик ги освои сите најважни појаси, но откако се откажа од титулата на ИБФ, моментално ги држи титулите во ВБЦ, ВБА и ВБО.

Појасот на ИБФ сега му припаѓа на Даниел Дубоа, кој успешно се врати од поразот од Усик со импресивните победи над Џарел Милер, Филип Хрговиќ и последен Џошуа во септември.

Сред сето ова, се чини дека еден легендарен поранешен шампион планира да се врати и повторно да ја освои титулата, а тоа е Владимир Кличко.

Кличко последен пат боксираше во 2017 година кога загуби од Ентони Џошуа, по што реши да стави крај на кариерата. Пред тоа, една деценија доминираше во тешка категорија и се здоби со статус на еден од најголемите шампиони во историјата.

Во последните месеци се повеќе се шпекулира за неговото враќање, а неговата главна цел е да го собори рекордот на Џорџ Форман и да стане најстариот светски шампион во тешка категорија.

Долгогодишниот промотер на Кличко, Том Лофлер, за „Ринг“ изјави дека 48-годишниот Украинец сериозно размислува за враќање, но само ако му се даде можност да се бори за титулата.

„Владимир е историска личност. Не сакам да шпекулирам за него, но колку што знам, тој сè уште сака борба за титулата“.

„Ако некој може да се врати на негова возраст, тоа е Владимир. Секогаш е во врвна форма, исто како што беше во текот на неговата легендарна серија од 25 одбрани титули“, изјави Леофлер.

Со оглед на тоа што борбата меѓу Кличко и Усик е малку веројатна поради нивното заедничко украинско потекло, можно е Кличко да се сврти кон меч против Дубоа доколку реши да се врати во рингот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО