Владан Панев за европската титула во БЏЏ: Најубав момент во мојот живот!

Владан Панев изминатиов викенд стана европски шампион во бразилско џиу џицу. Панев, кој по потекло е од Свети Николе, настапува за Австрија, бидејќи таму е роден и таму го совладал овој спорт.

Панев на Европско џиу џицу превнство во Рим, Италија, го освои златниот медал во БЏЏ во дисциплината но-ги (без кимоно) мастерс 1, виолетови појаси во супертешка категорија.

Панев извојува победи против Јасин Момахед, Андреа Лукези и во финалето над Калум Мекки.

„Немам зборови, тоа беше најубав момент во мојот живот“, вели Панев по освојувањето на златниот медал.

Владан за Ипон.мк истакнува дека имал три борби и три победи за златниот медал, наведувајќи дека во категоријата над 100 килограми имало седум натпреварувачи.

„Првата борба ја добив со завршница (американа), втора на поени, а во финалето победив со армбар за 20 секунди. Ниту еден поен не беше направен против мене на Европското првенство“, нагласува Панев.

Колку време се занимаваш со џиу џицу?

– Боречки вештини тренирам од 6 години во Клостернојбург (место блиску до Виена), каде што сум роден. Мојот клуб е Алфа академи, каде што тренирам сега.

Почнав со кик бокс и џудо. Сега имам кафеав појас во џудо, а во џиу џицу виолетов.

Какви резултати постигна?

– Имам многу победи на турнири во граплинг и џиу џицу. Вкупно околу 40 борби.

Дали настапуваш и во други спортови?

– Настапувам и во ММА. Шампион сум на Австрија во ММА.

Колку време настапуваш за Австрија?

Во Австрија сум роден. За жал, настапувам за нив, а не за Македонија!

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО