ММА борачот Виктор Стојанов (1992 г.) е интересна спортска личност кој на 6-годишна возраст почнува да се занимава со пливање, потоа со тенис, за да заврши во Ракометниот клуб Вардар од Скопје, кај тренерот Игор Котевски. Стојанов стигнува до првиот тим на МРК Вардар под водство на Веселин Вујовиќ, а оттаму преминува во Драчево кај Котевски, па во Пореч.
„Се повредив, и додека чекав да закрепнам од повредата, почнав да се занимавам со боречки вештини. Пополека сфатив дека навистина ги сакам мешаните боречки вештини (ММА) и дека треба да и ставам крај на ракометната кариера. Имав понуда да се вратам во ракометот. Но, ова е тоа што го сакав. Можеби не е популарен како ракометот, но тоа е тоа“, раскажува Стојанов.
Многумина не верувале дека ќе се откаже од ракометот, посебно не неговите родители, кои на почетокот ниту знаеле дека тој се занимава со ММА.
„И Нумче Мојсовски ме праша: Кај си? Кога му кажав со што се занимавам тој се изненади, при што ми рече: Беше најперспективното крило во Македонија“!
Стојанов тренира во скопската наслеба Маџари, а покрај него има уште неколку момчиња кои ги учат вештините на ММА. За да биде комплетен ММА борец, тој тренирал бокс кај нашиот познат боксер Вели Мумин, таеквондо со Александар Велјановски, а во ММА вештините и џиу џица го учи кинески тренер, кој точно му посочил на што треба да обрне внимание. Тој укажува дека повеќе треба да поработи на борбата во стоење, затоа сега тренинзите се насочени на тој дел од техничко-татктичките подготовки.
По две години напорно вежбање на 13 декември 2013 година ја има првата ММА борба на ФФЦ 10 во Скопје. Против искусниот Хрват, Матија Блажичевиќ, нема голема шанса за докажување, бидејќи ја губи борбата со технички нокаут во втората рунда. Потоа следува борбата во Загреб, каде што во полуфиналето на ФФЦ губи на поени. Таа борба е прогласена за најдобра.
Во овој период тој требаше да се бори во Виена, но борбата не се одржа. Имаше повеќе верзии за тоа зошто не се одржа борбата, однонсо дека е повреден и дека ќе оди на операција (на што убаво се насмеа).
„Прво, не се договоривме околу цената, а второ, имав мала повреда. Не се исплаќаше за тие пари да ризикувам. Се планира нова борба во Загреб. Не е дефиниран точниот датум. А до крајот на годината ќе имам уште една борба“.
За овие мечеви се потребни и добри подготовки, а почетокот е во зависност од тоа кога ќе се договори борбата, а најдобро да се знае 2-3 месеци однапред точниот датум на мечот. Стојанов кажува дека во тој период тренира по двапати дневно, со посебен режим на исхрана. Или, како што вели тој:„Само спиење и вежбање“.
За исхраната, која е значаен дел во подготовките, Стојанов потенцира дека се избегнува брзата храна, лебот, благите работи и дека повеќе се оди на протеинската храна, при што употребата на алкохол е незамислива.
Но, во последно време се крена голема врева во овој спорт околу користењето на стероидите, притоа беа суспендирани неколку врвни борци и шампиони, како Џон Џонс и Андерсон Силва.
„Лично, од такви работи користам протеини, како и секој спортист. Стероиди не! Во светски рамки ги користат стероидите и анаболиците, кои ги земаат за време на подготовките“.
Популраноста на ММА се уште е во зародиш, како и бројот на клубовите и натпреварувачите.
„Најголема работа што се случи кај нас е ФФЦ (Фајнал фајт чемпионшип), а прашање е дали, пак, ќе се случи такво нешто. Имав среќа да влезам во неа (ФФЦ), бидејќи тоа ми отвори пат за други организации.
Спортот е реалтивно нов. Има луѓе кои уште не знаат што е тоа. Добро е што во последно време се зборува за ММА, а многу млади почнаа да се интересираат за овој спорт. Малку не има во Македонија и има многу малку борби. Би сакал да има повеќе борби и да бидеме попопуларни“.
Според Стојанов, ММА е скап спорт, а тој лично имал среќа што почнал да соработува со „Ранерс“ во Македонија. Апелира фирмите повеќе да се заинтересираат за овој спорт. Само за зпочнување на подготовките се потребни 200-300 евра, па на ова се додаваат средствата за исхрана и други трошоци.
Воопшто, дали е исплатливо човек да се бави со овој спорт, кој доста е подложен на повреди?
„Ако го сакаш спортот, треба да знаеш дека е многу тешко да се успее на трнливиот пат. Инаку, во нашата земје е неисплатливо да се занимаваш со овој спорт. Се надевам дека ќе почнат да се ценат овие боречки спортови“.
Се зборува дека во ММА се вртат големи пари, но што мисли Стојанов за ова, односно каде се плаќа повеќе.
„Тешко прашање. Зависи од големината на договорот и во кој дел од кариерата си, колку си возрасен. Поплатени се борбите надвор од Балканот“.
Целта на Стојанов е како и на секој ММА борец-да влезе во некоја од големите организации, како УФЦ и Белатор и да стане ѕвезда. Но, кого го претпочита во таа насока?
„Мојата цел е да направам успех во организациите кај нас. Сега не ми е примарна цел да размислувам за големи борби, бидејќи се уште сум млад. Дефинитвно, ги претпочитам, пред се Конор Мек Грегор и Андерсон Силва“.
Сепак, овој спорт е оквалификуван како „крвав спорт“, а во некои земји имаше забрана да се емитува на телевизиските екрани, како во Германија.
„Во една борба може се да се случи. Таков е спортот. Може да се повредиш и во фудбалот, ракометот, кошарката итн. Факт е дека има крв во октагоните, заштоова е боречки спорт“.
ipon.mk/В. Донев