Во Вардар 1961 изразуваат задоволство од постигнатите резултати на Државното првенство во борење за У-15.
Завчера борачите на Вардар 1961 освоија 2 златни и 2 бронзени медали. Матеј Трајковски (-62 кг) и Неда Урошевска (-54 кг) станаа државни прваци, а Кирил Спирковски (-48 кг) и Кристијан Стојковски (-57 кг) се закитија со бронзи.
Како што велат од клубот, со ова доминантно издание Урошевска и Трајковски си ги загарантирале местата во репрезентацијата. А тоа претходно во У-17 го направи неприкосновената Нина Славевска.
„Очекуваме Нина да настапи на Европско првенство во Скопје. Последниве три државни првенства У-20, У-17 и завчерашното првенство за пионери (У-15) се докажа дека боречкиот клуб Вардар 1961 е рамо до рамо со гигантите Лирија, Балканец и Бучим од Радовиш. Постигнуваме одлични резултати во помладите возрасти базирајќи се на сопствената вардарова школа“, истакнаа од стручниот штаб на Вардар 1961.
„Со овие резултати докажуваме дека развитокот Вардар1961 е во нагорна линија и со овој потенцијал со кој располагаме наредните неколку сезони ќе бидеме конкурентни и за освојување и на некој медал од големите натпреварувања“, изјави тренерот на Вардар 1961 Игор Неделковски.