Владимир Егоров и селекторот Бобан Данов го добија најубавиот роденденски подарок – учество на Олмписките игри во Париз ова лето, откако Меѓународниот олимписки комитет утврди кои руски и белоруски борачи се подобни да учествуваат на Игрите како неутрални спортисти.
Егоров доби покана во категоријата до 57 килограми по изземањето на Аријан Тјутрин од Белорусија кој беше трет на Европските квалификации во Баку, Азербејџан. Егоров е најдобропласиран и затоа ја добива покната.
Покрај Егоров, покани добија и Френк Чамизо (74 кг) од Италија, Илија Рахаја (97 кг) од Украина, Роберт Баран (125 кг) од Полска.
Подобни и поканети спортисти со руски пасош во слободен стил се: Начин Монгуш, Шамил Мамедов, Арслан Багаев и Абдула Курбанов.
Со белоруски пасош во слободе стил поканети се: Јахо Акулич и Улаџислау Казлу.
Македонскиот олимписки комитет на официјалната страница Фејсбук објави:
„По одлуките на ИОК во врска со спортистите од Русија и Белорусија, Обединетото светско борење (UWW/ ОСБ) денес го извести Македонскиот олимписки комитет дека олимпискиот стипендист на МОК, Владимир Егоров, како највисокорангиран борач од Олимписките квалификации во Баку, Азербејџан, и како сè уште неквалификуван борач (слободен стил, категорија 57 килограми), со „А“ олимписка норма ќе може да настапи на Олимписките игри Париз 2024.
Оваа извонредна вест значи дека уште еден македонски спортист, овој пат со „А“ олимписка норма ќе настапи на Олимписки игри во Париз, кои ќе се одржат од 26 јули до 11 август 2024 година.
Честитки до Владимир Егоров и сигурни сме дека во Париз ќе го покаже и ќе го даде своето најдобро“.