Последна активност на членската книшка број 1 во Карате федерацијата на Македонија, Димче Јанковски, која е посветена на 50- годишнината на карате спортот во Македонија, е одржувањето на 9-тата средба на карате мајстори „ВадоДаДен“.
Средбата ќе се одржи во Сарај на просторот на Кајак клубот Ластовица на 27 август (недела) од 11 до 13 часот.
Овие средби на карате мајсторите се започнати во 2009 година и се наменети за носителите на црн појас од вадорју стилот. Но, тоа не е строго фиксирано, бидејќи на овие средби се поканувани и шотокан карате мајстори.
„Оваа година, во чест на 50-годишнината, покрај вадорју мајсорите од Македонија, покана имаат и шотокан мајсторите кои сметаат дека се пријатели на организаторот“, вели Јанковски.
Инаку, човекот кој поминал половина век во дружба со карате спортот не мирува, тој во мај го организираше 42. Лорд куп и го посвети на јубилејот на карате спортот во Македонија. На овој настан како специјални гости беа Сејдо Теофиловски, Евстратијос Турунидов, Венцислав Недев, Јован Јакимовски, Запро Запров и Димитар Тренков. На 42. Лорд куп беа доделени и првите карате оскари на најдобро избраните.
Јанковски ја продолжи традицијата на најстариот летен карате камп што го одржа во Радожда, на кој учествуваа членови на КК Аеродром-Скопје, КК Минта-Охрид и гостите од КК Васход-Хасково/Бугарија.
Ipon.mk/В.Д.