Украинските боксери на Игрите во Париз имаат дополнителен поттик да освојуваат медали, откако поранешниот шампион во тешка категорија Aлександaр Усик вети дека ќе им исплати парична награда од свој џеб доколку излезат на подиумот. Украина има тројца боксери кои се натпреваруваат во Париз – сребрениот олимписки медалист во Токио, Aлександар Кижњак, Аидер Абдураимов и Дмитро Ловчински.
„Тој им помага многу на нашите боксери, на различни начини. Им помага финансиски. Им помага со пари”, изјави украинскиот селектор Дмитриј Сосновски по победата на Кижњак над Унгарецот Пилип Акилов во средна категорија во вторникот. „Им рече дека ако освојат медали на Олимпијадата, сам ќе ја даде наградата. Од свој џеб. Ќе им даде пари за бронза, за сребро и за злато. Тој рече дека за првото место ќе добијат 80.000 долари, за второто место 70.000 долари, односно сребрениот медал. А бронзата е 50.000 долари“, додаде Сосновски.
Награди се доделуваат и од ИБА
Портпаролот на Украинскиот олимписки комитет потврди дека Усик се обврзал да ги плати паричните награди на освојувачите на медали. Шампион на ВБЦ, ВБО и ВБА, 37-годишниот Усик самиот го освои олимпиското злато во тешка категорија на Игрите во Лондон во 2012 година.
Освојувачите на медали на олимпискиот боксерски турнир ќе добијат парична награда и од Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), која соопшти дека ќе додели 100.000 долари за освојувачите на златни медали, 50.000 долари за сребрените и 25.000 долари за освојувачите на бронзени медали.