Светскиот шампион во тешка категорија Александар Усик го очекува многу тесна борба оваа сабота, кога британскиот тешкаш Даниел Дубоа ја брани титулата во ИБФ против Новозеландецот Џозеф Паркер на настан во Ријад.
Украинецот со интерес ќе го следи овој дуел бидејќи победникот би можел да му биде следен противник во мечот за апсолутен шампион.
Усик го победи Тајсон Фјури во два меча минатата година, а во последниот, во декември, ги одбрани шампионските титули во тешка категорија на ВБЦ, ВБО и ВБА.
„Му давам на Дубоа 52 проценти шанси за победа, а на Паркер 48 проценти. Така размислува и мојот тим“, изјави Александар Усик.
Победникот од мечот Дубоа – Паркер најверојатно ќе биде првиот кандидат за противник на Усик во пресметката за ново обединување на појасот на кралската дивизија.
Дубоа се враќа во рингот по брилијантниот нокаут против Ентони Џошуа, додека Паркер, поранешниот шампион на ВБО, во последните два меча ги победи Дионтеј Вајлдер и Жилеј Жанг.
Откако Усик во реваншот повторно го совлада Тајсон Фјури, Дубоа влезе во рингот и побара реванш. Украинецот признава дека тоа го изненадило.
„Си помислив: „Што правиш овде? Тоа е моето место“, се сеќава Александар Усик, додавајќи:
„По борбата, Дубоа дојде до мене и ми рече: „Еј, слушај, сакам реванш“… А јас одговорив: „Да, нема проблем, подготвен сум. Но, прво ќе одам дома да се одморам малку“.
Усик и Дубоа боксираа во 2023 година, а Украинецот победи со нокаут во деветата рунда. Во петтата рунда мечот накратко беше прекинат откако британскиот боксер го удри шампионот под појасот.