Усик нема потреба да го брани ВБА појасот против задолжителниот предизвикувач, Ворен се надева на голема борба

Од ВБА организацијата соопштија дека нема да го принудат Александар Усик на меч против задолжителен предизвикувач, туку му оставаат можност „да се бори со најрелевантните противници во тешка категорија“.

Привремен шампион на ВБА во тешка категорија е Кубрат Пулев, кој мора да го брани појасот против Фабио Вардли, актуелниот предизвикувач број 1.

Фантастичниот Украинец на тој начин може да биде сопственик на титулата во ВБА уште две години, доколку остане непоразен во следните борби.

Усик (38) неодамна ја откри својата намера да се пензионира по уште две борби, што значи дека најверојатно ќе се пензионира до истекот на рокот на ВБА.

Светскиот шампион не ја крие желбата во следната борба да се обиде повторно да ги обедини појасите во тешка категорија, што значи меч против Даниел Дубоа.

Имено, Дубоа неодамна требаше да го одбрани појасот на ИБФ против Џозеф Паркер, но Британецот се повлече од борбата само два дена пред мечот поради вирусна инфекција.

Мартин Баколе влезе како замена на настанот во Ријад, а загуби од Паркер со технички нокаут во втората рунда.

Бидејќи борбата на Дубоа со Паркер беше доброволна одбрана, Даниел нема обврска да договори нова борба со Новозеландецот и може веднаш да побара меч против Усик.

Промоторот на Дубоа Френк Ворен потврди дека преговорите се во тек.

„Се сретнав со Даниел и неговиот татко, работиме на неговата следна борба. Се надевам дека наскоро ќе ја потврдиме борбата против Усик, би сакал“, рече Френк Ворен и додаде:

„Тоа е одличен меч, одличен реванш и вистинска приказна. Во моментов тоа е борба меѓу двајцата најдобри тешкаши во светот. Ако успееме да организираме дуел, тоа ќе биде фантастично“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО