Пред неговиот неодамнешен меч против Џаред Андерсон, кого го победи со прекин во петтата рунда, тешкашот од Конго Мартин Баколе откри некои детали од спаринг мечот со Александар Усик.
„Усик никогаш не ме ни допре, го искршив и го нокаутирав. Го нокаутирав со удар по телото. А кога го напуштав рингот слушнав дека рекле оти ќе му треба најмалку една недела да се опорави“, изјави Мартин Баколе, кој моментално е прв на листата на предизвикувачи на ВБА.
А зборовите на Мартин неодамна ги потврди и неговиот тренер Били Нелсон, кој истакнува дека Баколе спарирал со Фјури, Џошуа и Усик и се држел против секој од нив.
„Го запре Усик во спаринг, па зошто да не верува дека може да го победи? И тоа е факт. Дали некогаш сте слушнале дека Усик го негира тоа? Или Еј Џеј или Фјури да кажат: „Мартин, ќути! Секако дека не“, додаде Били Нелсон.
Спарингот меѓу Усик и Баколе наводно се случил во 2022 година за време на подготовките на украинскиот боксер за мечот против Ентони Џошуа.
Непоразениот Усик сега им одговори на Баколе и неговиот тренер…
„Луѓето можат да измислуваат секакви работи, но не мора да веруваат во се. Боксот е спорт, но и шоу. Секој може да каже што сака за да привлече внимание за рекламирање или нешто друго“, изјави Александар Усик кој моментално се подготвува за реванш против Тајсон Фјури во декември во Саудиска Арабија.