Усик и Дубоа се поблиску до договор, реваншот е најавен за 12 јули на Вембли

Непоразениот украински борец Александар Усик и Британецот Даниел Дубоа се многу блиску до боксерски меч за апсолутниот шампион во тешка категорија.

Остануваат уште некои детали да се договорат, но мечот е блиску до финализирање. Реваншот е закажан за 12 јули на стадионот Вембли во Лондон.

Усик ги поседува титулите ВБЦ, ВБА и ВБО, кои успешно ги одбрани во декември минатата година кога вторпат по ред го победи Тајсон Фјури.

Украинецот неколку месеци претходно го победи Џипси Кинг во борба за апсолутен светски шампион, а сега ќе се обиде уште еднаш да ги обедини појасите во тешка категорија.

Даниел Дубоа минатата година го освои привремениот шампионски појас на ИБФ со победата против Филип Хрговиќ, која неколку недели подоцна ја замени за вистинската (Усик ја ослободи титулата за да договори реванш против Фјури).

Британецот во септември со нокаут во петтата рунда во тешка категорија го победи поранешниот двократен шампион Ентони Џошуа и ја одбрани титулата. Тој требаше да го брани појасот во февруари против Џозеф Паркер, но два дена пред мечот го откажа поради болест.

Усик со нокаут во деветата рунда го победи Дубоа во август 2023 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON