Синоќа во Радовиш се одржа избор на ново раководство на Здружението на борачи ветерани во Македонија на кое за претседател е избран пораншениот репрезентативец, борач на Балканец и Бучим од шампионските денови, Трајче Димков, а за секретар Славчо Тодоров.
По ова се одржа свеченост на која беа доделени признанија на заслужните борачи, судии, спортски работници и личности кои го помагаат борењето.
Меѓу присутните беа олимипскиот шампион Шабан Трстена кој имаше инспиративен говор истакнувајќи дека „не е против странските борачи, но да го вратиме борењето во времето кога шампиони произлегуваа од Македонија“. Ова наиде на големо одобрување од присутните.
Покрај Трстена беа присутни и олимпијците Зоран Шоров и Влатко Соколов, шампионската екипа на Бучим (европска и светска титула).
Свеченоста беше збогатена со присуството на градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, претседателот на Федрацијата за борење на Македонија, Дејан Богданов, поранешниот претседател на федерацијата и творец на шампионската генерација на Бучим, Ванчо Чифлиганец, десетици ветерани и судии.
Здружението на борачи ветерани во Македонија синоќа додели признанија и на новинарите кои долги години го следат борењето: Кире Манев, Венцо Донев, Славчо Ивановски, Решат Ибраими и Горан Милковски.