Александар Усик и Даниел Дубоа повторно ќе се соочат во рингот по две години, но овој пат тоа ќе биде меч за обединување на титулите во тешка категорија.
Дуелот меѓу непоразениот украински борец и Британецот е закажан за 19 јули на Вембли, а во игра ќе бидат четири појаси. Усик ги држи титулите на ВБЦ, ВБА и ВБО, додека Дубоа е сопстевник на титулата на ИБФ.
Даниел Дубоа ја имаше последната борба во септември минатата година кога го сопре поранешниот двократен шампион Ентони Џошуа во петтата рунда и го одбрани појасот.
Британецот требаше во февруари да ја брани титулата на ИБФ против Џозеф Паркер, но два дена пред борбата ја откажа поради болест.
Откако ги обедини појасите во полутешка категоријата, брилијантниот Усик го направи истото минатата година во тешка категорија, кога кон средината на мај го победи Тајсон Фјури.
Потоа се откажа од појасот на ИБФ за да обезбеди реванш против „Џипси Кинг“. Усик во реваншот во декември повторно го победи Фјури.
А Дубоа ја освои титулата откако го победи Филип Хрговиќ со прекин во осмата рунда и го освои привремениот шампионски појас на ИБФ, кој го замени за вистинскиот неколку недели подоцна.
Усик и Дубоа веќе се сретнаа еднаш, а тоа се случи во август 2023 година на стадионот Вроцлав. Украинецот го победи британскиот борец со нокаут во деветата рунда и ги одбрани титулите.
Шампионот доминираше во борбата и го погоди Дубоа со одлични комбинации. Во петтата рунда, Британецот го погоди Усик под појасот, што предизвика борбата да биде прекината неколку минути.
Украинецот се опорави и ефикасно ја заврши борбата неколку рунди подоцна.
Поранешниот светски шампион и сегашен боксерски аналитичар Тони Белју ја прогнозираше претстојната голема борба и верува дека Усик повторно ќе го победи Дубоа со прекин.
„Усик е најдобриот тешкаш во светот. Тој е веројатно најдобриот тешкаш во нашата ера, никој повеќе не може да го негира тоа. Усик е неверојатен во она што го прави“, рече Тони Белју и продолжи:
„Дубоа исто така беше неверојатен. Го отпишав неколку пати, а тој се врати и ми докажа дека не сум во право. Мора да му дадете шанса. Сега има шанса, но Усик веќе го победи еднаш. Може ли да го натера да го направи тоа повторно? Дубоа е во фаза од кариерата каде што ги надминал таквите неволји и е полн со самодоверба. Но, мислам дека повторно ќе биде запрен меѓу осмата и 12-тата рунда“.