Том Аспинал покажа интерес за пресметка со Алекс Переира

Бразилскиот ММА борец Алекс Переира годинава веќе двапати го одбрани појасот на шампионот на УФЦ во полутешка категорија.

Минатиот викенд на настанот УФЦ 303 во Лас Вегас тој уште еднаш убедливо го совлада Чехот Јиржи Прохаска.

На почетокот на втората рунда Поатан со одличен ножен удар го погоди во главата Прохаска и борбата ја заврши со удари од земја.

Алекс Переира не крие дека сака во иднина да се проба во тешка категорија, а интерес за меѓусебна пресметка покажа актуелниот привремен шампион во кралската дивизија Том Аспинал.

„Не е важно против кого се борам. Ако УФЦ бара противник во тешка категорија за Переира, јас сум подготвен. Секако дека сум заинтересиран за меч против него, бидејќи она што го направи Алекс Переира во последните години е навистина фантастично. Пред неколку години никој не ни знаеше за него, а сега е меѓу најголемите ММА ѕвезди“, истакна Том Аспинал и додаде:

„Го почитувам сето она што го направи досега. Секако дека ме интересира борбата против Переира, сакам да се борам со него. Но, има време и место за тоа. Не гледам премногу напред, прво ја чекам борбата против Кртис Блејдс“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ПОПУЛАРНО

IPON