Тренерскиот ветеран и експерт-аналитичар на ЕСПН, Теди Атлас, беше видно налутен откако Мани Пакијао ја загуби светската титула на ВБО од Џеф Хорн со судиска одлука во неделата попладне пред околу 51.000 луѓе во Бризбејн.
11-кратниот светски шампион влезе во оваа битка како тотален фаворит, но не излезе како победник од неа. Сепак, Пакијао доминираше во подоцнежните рунди на средбата и дури го здрма Хорн во 9-тата рунда.
Долгогодишниот тренер на Пакијао, Фреди Роуч, предвиде дека борбата ќе биде кратка и слатка, но Хорн кој во последните 17 меча забележа победи не размислуваше вака и доминираше во почетните рунди на средбата.
Судиите во гласачките ливчиња запишаа 117-111, 115-113 и 115-113 во корист наЏеф Хорн.
Роуч пред мечот рече дека ќе го советува Пакијао да размисли да се пензионира, ако ја загуби оваа битка, но ќе зависи и од тоа како ќе се претстави.
Од таборот на Пакијао говореа за реванш со Мејведер, ако го победи Хорн, надевајќи се да се одмазда за поразот на поени во 2015 година во нивната мега битка. Тоа веќе е далечна можност.
Пакијао, кој во оваа борба влезе со рекорд 59-6-2, 38 КО, ја бранеше титулата на ВБО, која јаосвои на поени против Џеси варгас во ноември минатата година.
„Ова е само едно од овие две нешта, тоа е или неспособност или корупција. Кога ќе погледнам резултат 117-111, не верувам дека некој може да е толку некомпетентен, жалам. Ако го познавате овој спорт, ако се гледа овој спорт, едноставно, не може да биде толку некомпетентен”, изјави Атлас.
„Се гледа кој пласира чисти удари, кој едноставно мавта раце, кој не пласира добри удари, кој речиси беше нокаутиран, не може да биде толку некомпетентен, па што друго би можело да биде? Корупција. Ништо друго, жалам. Го сакам овој спорт. Тоа е најголемиот спорт во светот. Беше одличен ден, одлична вечер. Беше одлично за навивачите на стадионот и за оние пред екранот. Беше одлично. Беше одличен театар. Сепак, во боксот нема театар. Нема. Одлуката на судиите е вон памет“,заврши Атлас.