Тајсон Фјури го доживеа единствениот пораз во кариерата кон средината на мај кога загуби од Александар Усик со поделена одлука во мечот за апсолутен шампион во тешка категорија.
Британскиот боксер по мечот ја активираше клаузулата за реванш, а двајцата актуелни најдобри светски тешкаши веднаш се договорија за втора борба која ќе се одржи на 21 декември во Саудиска Арабија.
Во едно неодамнешно интервју Џипси Кинг го откри првото нешто што го направил кога се вратил дома по поразот од Александар Усик.
„Кога се вратив дома веднаш заминав да трчам. Се вратив во рутината на животот. Продолжив да тренирам секој ден. Го сакам тоа што го работам. И тоа ќе го правам додека не можам повеќе да трчам. Дедо ми истрча четири километри на денот кога умре. И тоа ќе го правам цел живот“, изјави Тајсон Фјури, осврнувајќи се на претстојниот меч со Усик:
„Овој пат морам да бидам поконцентриран и да не се покажувам премногу. Ништо не смее да ме понесе. Ако се држам до планот, тогаш треба да победам“.
Фјури по мечот призна дека неговата сопруга Парис доживеала спонтан абортус пред борбата со Усик, а дознал дури кога се вратил дома.